Учесниците на тренингот за џокери: „Форум театар и естетика на угнетените“, што во организација на  културниот центар „Медиа Артес“  се одржува во Охрид, синоќа во ресторанот „Белведере“ одиграа три куси претстави во кои беа отсликани проблеми и ситуации од реалниот живот.


На впечатлив начин младите актери ги претставија проблемите со кои се соочува семејството во современото општеството оптоварено со политика, но и традиционалните разлики помеѓу генерациите во сфаќањето на животот. Во претставите активно беше вклучена публиката која ги коментираше ситуациите кои секојдневно се случуваат околу нас.


На обукта за џокери која е поддржана од Европската комисија во рамки на проектот „Млади“, учествуваат триесетина млади луѓе од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Романија, БиХ, Австрија и Велс.


Форум театарот е форма на едукација на млади прифатена од Обединетите нации, која има за цел развивање на свеста на луѓето и поттикнување на чувството за заедништво.

Г. Момироски
фото:Емилио