Со богата свечена приредба ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ го одбележаа својот патронен празник во спортската сала „Билјанини извори“.

‎Детската установа, повеќе од 6 децении се грижи и ги воспитува нашите најмили, за што во оваа пригода упатувам искрена благодарност за сите генерации учителки, негователки и вработени кои со својата благородна работа издигнаа и воспитаа многу деца, рече во обраќањето пред бројните родители и гости градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

‎Денес Јавната установа „Јасна Ристеска“ секој ден згрижува околу 1000 деца, рапоредени во 5 објекти и 4 просторни услови. Ве уверувам дека како локална самоуправа максимално сме посветени континуирано да ги подобруваме условите за работа и престој на нашите најмили, бидејќи цврсто сме уверени дека децата се нашето најголемо богатство. ‎Ве поканувам да го проследиме „Детскиот шарен свет“ и да уживаме во невината и инвентивна детска игра, истакна Пецаков во своето обраќање.

Ми претставува особена чест и задоволство што уште една генерација наши дечиња со очиња полни радост, срца исполнети со љубов и широко отворени рачиња ќе ни го разубават денот со прекрасна програма подготвена со многу труд и посветеност, рече директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Ирина Милеска.

Нашите најмили, преку игра и песна ќе ја пренесат топлината и убавината на нивниот свет, а ние возрасните ќе се присетиме колку е важно да се радуваме на малите работи во животот, додаде Милеска.

Во рамки на свечената програма беа изведени бројни музички и танцувачки точки подготвени од најмладите, под менторство на воспитувачите од градинката.

Патрониот празник градинката го празнува на Денот на ослободувањето на Охрид, 7-ми Ноември, а истата го носи името на Јасна Ристеска, партизанка која го положила својот млад живот пред олтарот на слободата на градот. Детската градинка во Охрид е формирана во 1963 година.

Фото галерија:

ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ го одбележа патрониот празник

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска