Осмото издание на интернационалниот фестивал на комедијата “Summer Comedy Marathon” започна вчеравечер со настап на еден од најбараните светски стенд-ап комичари – австралиецот Amos Gill, кој пред охридската публика го изведе своето наградувано шоу „The Pale, Stale, Straight White Male“.

Публиката погледна бескомпромисно, интелигентно и исклучително духовито шоу со неговиот препознатлив стил од остар сарказам, брзи досетки и хумор без цензура, со кој ги преиспитува општествените стереотипи и секојдневните апсурди.

Секогаш урнебесен, повеќекратно наградуваниот Amos Gill никогаш не отстапува кога треба остро да ги „боцне“ нелогичните размислувања и интелектуалната апатија која го бојадисува светот околу нас.

Програмата продолжува вечерва со шоуто „Црн хумор“ во  Jazz Inn. На сцената ќе настапат Никола Тодороски, Никола Братучед Сиљаноски, Зоран Донев и Илија Богданоски.

Ве очекува стендап вечер со црн хумор, остри шеги, непријатна смеа и комедија што оди таму каде што другите не сакаат ни да погледнат. Ова не е шоу за чувствителни души. Ова е вечер за публика што знае дека хуморот понекогаш боли — ама затоа најсилно се смее, велат организаторите.

Шоуто започнува ви 20 часот, а билетите се по цена од 400 денари и можат да се купат на hahaha.mk или да се резервираат на 075 283 066.

OhridNews

фото. А. Момироска