Без традиционалното василичарско оро, со едно минутно молчење во центарот на Вевчани, вевчанци ја одржаа скоро 15 вековната традиција на познатиот Вевански карневал, кој годинава поради трагедијата во која животот го загуби младо моме од селото се одржува симболично.

Иако во помал број од вообичаено, досетливите вевчанци на сатиричен начин отсликаа дел од актуелните случувања што ја одблежаа изминатата година и животот на македонскиот народ.

Поради трагедијата откажан е забавниот дел од манифестацијата што вечерва требаше да се одржи во центарот на Вевчани. Дел од рестораните и кафулињата во населбата не работат, а останатите се без музика. Најголем дел од присутните се гости кои не знаеле за трагедијата. Повозрасните вевчанци, не паметат таква несреќа во пресрет на празникот Свети Василиј.

Вевчани сме мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нѐ потресуваат. Вечерашниот концерт е откажан. Вевчани овој ден го чека цела година, меѓутоа, не на ваков начин, изјави градоначалникот Спасе Кочовски.

И министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која требаше официјално да го отвори Вевчанскиот карневал рече дека не го препознава Вевачни вакво и изрази жалење и сочувство до фамилијата на младото момче.

На манифестацијата присуствуваше и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој изрази сочуство за прерано згаснатиот живот, посакувајќи успешен карневалски ден.

Традиционално како и секоја година повторно сме овде во Вевчани на овој ден заедно со ова карневалско дефиле по повод големиот христијански празник Василица. Очекувам успешен ден и покрај тоа што го изразувам моето најискрено сочувство за инцидентот кој што се случи во раните утрински часови овде во Вевчани. И посакувам денот да помине во добро расположение, рече Мицкоски пред почетокот на дефилето.

Според традицијата двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски дефилираат низ вевчанските улици. Верувањата се дека го бркаат злото и чисти ќе ја почнат Новата година, која според Јулијанскиот календар почнува на 14 јануари. Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода, со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со палење на маските во центарот на Вевчани.

OhridNews