Пуштен во употреба целосно санираниот Музеј на вода, наколна населба во Заливот на Коските кај Градиште во Охрид. На настанот на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, пратениците во Собранието од Охрид, Сашо Донев и Грација Бакраческа, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев и други претставници на институции беше посочено дека после седум години музејскиот комплекс го добива заслужениот лик како еден од најдоходвните во државава.

Со консолидирање на состојбата во земјата, очекувам инвестициите во културата да бидат уште поголеми и не случајно секторот туризам го додадовме до Министерството на култура и тоа стана Министерство за култура и туризам, бидејќи според спроведените истражувања најголемиот дел од посетителите, односно туристите коишто ја посетуваат Македонија како туристичка дестинација токму тоа е и причината зошто ја посетуваат односно богатото културно наследство. Овој објект овде, оваа населба и заедно со придружната инфраструктура, навистина претставува еден значаен објект за Охрид и за туристите коишто го посетуваат Охрид. Седум години буквално ништо не било направено како што можете да видите денеска комплетно ликот на ова прекрасно место е изменет и делува сосема поинаку споредено со состојбата од пред година и пол, две. Кога имаме една ваква енергија којашто се обединува помеѓу локалната и централната власт тогаш резултатите и успехот се неизоставени, изјави премиерот Мицкоски.

Една од првите посети откако стапив на функцијата ми беше овде и видов една девастирана институција обрасната со вегетација, неодржувана за една туристичка атракција како што е градот Охрид, рече министерот Љутков.

Веднаш заедно со директорот презедовме мерки и направивме план што е тоа што треба да се направи за овој музејски комплекс и тогаш најавивме дека кровната покривка ќе треба да се смени на сите куќарки, ќе треба да се смени платформата, да се пушти во употреба просторот пред музејската зграда и системот за наводнување да се замени со нови современи технологии. Тоа и го направивме. Средства се уште ќе се вложуваат во овој доходовен комплекс. Во наредниот период ќе инвестираме во други содржини во Охрид. Патната инфраструктура е доста подобрена, сигнализацијата исто…, се подобруваат условите и ќе работиме со исто темпо како и досега, потенцираше Љутков.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, го потенцираше вложувањето во инфраструктурата во градот кое е значајно за развојот на Охрид и како туристичка дестинација.

Овие месец дена имаме неколку настани кои дирекно односно индирекно се поврзани пред се со инфраструктурниот развој на Охрид, но секако и инфраструктурата поврзано со туризмот. Заливот на коските е најпосетуваната локација во Охрид и посебна чест е што денес сме тука, за кратко време се вложуваат сопствени средства, кои не се ниту од Министерството за култура, туку дирекно од самата институција што означува позитивно работење на институцијата и можност за понатамошно вложување во сите работи кои се потребни. Пуштањето во употреба на реконстуираниот пат Охрид-Св. Наум и утре делот од автопатското решение од Охрид до Врбјани означува само подобар и полесен пристап на туристите, зголемен број на туристи и поголема атрактивност на градот. Ова е само еден вид на почеток и во соработка на локалната и централната власт ќе има уште многу вложувања во наредниот период, потенцираше Пецаков.

Презедовме доста чекори за реставрација на самата населба, на изложбениот простор во Музејот, санитарните јазли, целиот комплекс и тоа што не се гледа наскоро ќе го решиме и наводнувањето, објавен е тендер и одбрана фирма која ќе го спроведе тоа, како и осветлувањето, вентилацијата…, истакна директорот Патчев.

Минатата година кога дојдов првпат за директор констатиравме дека скоро седум години не беше вложувано ништо во овој комплекс затоа интензивно се спроведоа доста активности. За оваа намена беа издвоени околу 15 милиони денари со ДДВ со тоа што уште ќе се вложува и понатаму, додаде Патчев.

Инаку, Музејот на вода во Градиште е најпосетуван локалитет, по кој следат Самоилова тврдина и Музеј Куќата на Робевци.

Фото галерија:

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска