Унапредување на билатералната воена соработка, процесот на трансформација и модернизација на Армијата, соработка помеѓу специјалните сили, како и капацитетите на АП „Криволак“ во фокус на денешната средба на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Унгарија, генерал Габор Беренди и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сaшко Лафчиски која се одржа во Кампот за обука на вода во Охрид.

Станува збор за возвратна посета, а целта е нашата интензивна билатерална соработка, посeбно во доменoт на соработката на специјалните сили на Армијата и специјалните сили на Унгарските вооружени сили. Тие се скоро две недeли во Охрид, каде што реализираат обука за специјални операции, односно нуркачка обука. Посетата ќе ја искористиме да ги посетиме припадниците, да ги видиме нивните впечатоци и продискутираме за идни соработки. Соработки ќе има во доменот на копнените сили, обуки и други активности. Во рамки на посетата ќе бидат презентирани плановите за модернизација, трансформација, ќе се дискутира за елементи каде Унгарските сили ќе можат, конкретизирам дека тоа ќе биде во доменот на обуката и размислување доколку може генералот и Унгарската армија да помогне во доменот на трансформацијата и модернизацијата, посочи Лафчиски.

Трансформацијата, потенцираше, е во тоа што е тековен процес, во доменот на конвенционалните сили.

Фазата околу трансформацијата на она што е лесна пешадиска батаљонска група е завршена, сега одиме кон втората фаза, опремување и трансформација во останатите маневарски батаљони, во доменот на копнените сили. Почнавме со соработка и поддршка во специјалните сили, договорено е наши нуркачи, односно припадници од специјалните сили да земат учество на нивни курсеви, кои се специјално дизајнирани за инструктори во нуркање и тоа е во фаза на реализација. Ќе се отвори простор и за други во доменот на оценување на конвенционални сили, односно декларирани состави, и други области, додаде Лафчиски.

Истакна дека капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ ќе им бидат понудени за реализација на обуки на вооружените сили во Унгарија.

Состојбата со борбената готовност на Армијата е на високо ниво, тоа го истакнав и за време на моето брифирање према Врховниот командат, претседателката на државата. Состојбата со борбената готовност во однос на зголемување на персоналот и зголемување на финансиските средства кои се одвојуваат, но и опремата ќе расте интензивно и наредниот период, потенцираше Лафчиски.

Во рамки на заедничката обука со специјалните сили на Вооружените сили на Унгарија беше изведена методско-показна вежба „Препад на пловен објект и командно место“, како и тактичко-технички збор на кој беше прикажана дел од опремата која се користи за време на обуката.

По завршување на вежбата генералите истакнаа дека со оваа заедничка обука, покрај зајакнување на интероперабилноста се зајакнува и меѓусебното пријателство.

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска