Со староградска песна, греана ракија и традиционалното капење во Охридското Езеро на рибарите и тајфата на фаќачот на крстот во месноста Сараиште, на празникот Св. Јован, денеска, беше одбележан Денот на рибарите.
Охриѓани се сеќаваат на минатото, но велат значајно е и да се продолжи и негува традицијата.
- Овој ден е значаен за рибарите зошто во минатото беше забрането да се фрла крстот на Водици и луѓето го поместиле еден ден покасно за да бидат послободни и како Ден на рибарите да си го слават. Важно е да се негува оваа традиција. Порано имаше повеќе рибари, ловевме со мрежи. За денот за Свети Никола обично повеќе се ловеше риба. Паметам јас порано рибарев на пристаниште, ловеа по два три тони риба плашица, вели рибарот Ѓоко Трајчески.
- Многу значаен традицонален настан. Едно време им забранувале како што слушаме, па го фрлале крстот рано сабајле накај три часот. Потоа се правеше и рибна чорба. Порано ловевме риба, сега нема ловење, нема риба. Тогаш имаше Спортско риболовно друштво и си вадевме дозволи за лов, за две три парчиња, вели охриѓанецот Наум Секулоски.
- Како традиција треба да ја негуваме и во консултација со институциите како Завод и музеј Охрид и Државниот архив во Охрид, може да произлезат многу иницијативи, научни публикации, за што треба поддршка од државата и институциите да работат и да соработуваат со организациите, вели Никола Паскали.
На манифестацијата со чашка греана ракија уживаа голем број граѓани. Меѓу присутните беше и градоначалникот Кирил Пецаков, како и претставници на локалната самоуправа.
Традиционално фаќачот на крстот Васко Довлев и неговата тајфа се искапија во езерските води за здравје.
Тајфата на фаќачот на крстот верна на традицијата
Прославата беше дополнета со звуците на старогратската песна во изведба на Охридскиот музички еснаф која придонесе за збогатување на амбиентот и достоинствена прослава.
Годинава изостана фрлање на буриња со вино и подготовката и служење на рибната чорба. Со овој настан завршија богојавленските чествувања во Охрид.
Н.С.Ј
фото. А. Момироска