Купишта градежен шут, кабаст и зелен отпад деновиве се исфрлени во позадината на Прес-контејнерот кој е лоциран на улицата „Богомилска“ во населбата „Христо Узунов“.
Охриѓани кои живеат во овој дел од градот велат дека поради ниската еколошка свест граѓаните наместо во рамки на оградената зона за депонирање, ѓубрето често пати го исфрлаат надвор од неа.
-Состојбата тука станува алармантна, бидејќи на дел од жителите им стана навика да го депонираат отпадот на овој начин и да прават депонија. Оваа состојба во неколку наврати се повторува, па затоа упатуваме апел до надлежните да преземат мерки за надминување на овој проблем, односно покрај чистењето на насобаниот отпад, да воведат и санкции за оние кои несоодветно го исфрлаат, велат жителите на населбата.
Инаку во текот на изминатиот период беа регистрирани уште неколку вакви случаи за несоодветно депонирање на отпад низ охридските улици и населби.
OhridNews