Со церомонија на која беа доделени наградите и признанијата за најдобрите, официјално се затвори првото и мошне успешно прво издание на Планинарската трка Охрид треил. Новата спортска приказна ја исполни мисијата и дополнително ја збогати спортска лепеза во нашиот град. Охрид треил го организираше Здружението Трекс и Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“.

Позитивни впечатоци од трката на 60 километри имаше победникот Јур Облак. Словенецот прв ја мина целта и со бурни овации беше пречекан на финишот.

  • Добра патека, а тешка трка мора да се признае. Речиси целата трка се одвива на планина и на нерамен пат. Предизвикот со оглед дека трката прв пат се организира беше голем и затоа дадов се од себе да победам. Околу 50-от километар имав криза, ривалот ме стигна, но тогаш тој се потроши. Во финишот малку убрзав и направив предност да избегнам неизвесност и борба до крај. Има многу трки низ целата година и не можам да обеќам дека ќе дојдам во Охрид да се натпреварувам, но како гледач секако. – изјави победникот на 60-километарската трка Јуре Облак.

Куриозитет е победата на неговата ќерка Јања Облак во женска конкуренција на 60 километри. Јуре делницата ја мина за  7 часа, 38 минути и 22 секунди додека Јања на целта стигна за 9 часот, 55 минути и 21 секунда.

  • Мотиви за подобар и спортски Охрид има многу. Со овој спортски проект ги опфативме сите убавини на Охрид. Со Охрид трчаТ акцент ставивме на стариот дел од градот, со организирање на Триатлонот во преден план излезе Охридското езеро, а со Охрид треил планината Галичица. Не ветуваме некој нов проект во иднина, но може да изненадиме и понудиме уште нешто. – истакна првиот човек на Асоцијацијата на спортови, Иван Цветкоски.

На стартот на двете трки заедно се појавија 130 натпреварувачи, а пријавени беа 151 учесници. На трката на 60 километри започнаа 49 а финишираа 41, додека на 35-километарска трка стартуваа 81 учесници а заврши 77.

  • Трката помина во најдобар ред и сакам да им се заблагодарам на волонтерите и сите други чинители. Повторно волонтерите одиграа важна улога во организирањето на ваков специфичен настан. Многу е важно што сите натпреварувачи стигнаа безбедно и здрави ја завршија трката. Ова е прво издание и јас сум многу задоволен. – рече директорот на трката Охрид треил, Дејан Крле.

Фото: Татко и ќерка триумфираа на Охрид треил!

Мх.П.