Врачено признанието „Инженерски прстен“ за 2025 година на најдобрите 14 дипломирани студенти на инженерските факултети во Република Македонија.

Меѓу наградените и двете охриѓанки Харитина Сакова која дипломирала на Машинскиот факултет во Скопје и Рената Павлеска на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.

На настанот кој се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“ – Плаошник признанието „Инженерски прстен 2025“ на дипломираните студенти им го врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во присуство на митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, претставници на државните институции, декани, професори, претставници на бизнис заедницата, родители…

Овој инженерски прстен за нас е многу повеќе од еден прстен. Тој претставува ветување дека знаењето кое го стекнавме овие неколку години нема да остане неискористено, туку ќе прерасне во градење и развој на општеството и науката, рече во обраќањето во име на сите наградени охриѓанката Харитина Сакова.

Од името на сите добитници сакам да изразам искрена благодарност пред се на нашите професори и ментори кои не научија дека инженерството не е само решавање проблеми, туку е и поле на иновација, креативност и непрекинат технолошки развој. Сакам да искажам и благодарност до нашите семејства кои со својата поддршка и трпение беа активни водилки за нашиот успех низ годините. Почитувана претседателке ви благодариме за признанието и континуираната поддршка за развој на образованието во нашата земја. Вашето присуство тука не уверува дека трудот на малдите инженери е вреднуван и дека иднината на оваа земја ќе се гради врз основа на знаење и пасија. Се надевам овој прстен доделен од Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери за сите нас ќе биде потсетник дека секоја идна дејност што ќе ја започнеме мора да биде изградена на темели на одговорност и почит кон човекот и природата. Убедена сум дека низ нашата кариера чекорејќи низ инженерските патишта ќе ја оправдаме честа која ни е укажана, додаде Сакова.

Меѓу 14 инженери кои се закитија со ова признание е и охриѓанката Павлеска, која веќе е вработена во компанијата „Костал“ во Охрид.

Павлеска веќе одлучила да остане во својот роден град и својата држава бидејќи нашла начин нејзината соодветна едукација, најдобриот успех кој го имала на нејзиниот факултет да може да го валоризира бидејќи тоа што го нудиме ние како компанија ги задоволува нејзините барања, потреби, но и стремежот за напредок, вели Виктор Мизо, генерален директор на Костал Македонија.

Доделувањето на инженерските прстени на најуспешните студенти од инженерските дисциплини претставува, пред сè, сатисфакција за младите инженери и дополнителен потстрек за продолжување по патот на науката и понатамошно доусовршување. Но, тоа е и чин кој го промовира инженерството и кој треба да го потсети општеството за човечкиот потенцијал кој го поседуваме и за кој треба да направиме сè да продолжи да создава и да напредува во својата татковина, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Беспредметно е да се зборува за огромното значење на инженерските професии за секое општество. Инженерите ја обликуваат сегашноста и ја проектираат иднината. Тие го движат светот и ние заеднички – државата, образовните и научните институции, бизнис-заедницата, граѓанските организации, мораме да помогнеме да го реализираат својот потенцијал.  Би сакала во оваа пригода да им посакам на младите инженери да продолжат да ги следат своите соништа и да ги реализираат идеите и визии. Тоа што доаѓате од навидум мала земја не значи дека не можете да имате големи соништа и идеи. Тоа се докажало многу пати. Вие аплицирате и имате европско образовно досие, вие сте идејните творци и двигатели на модерниот европски и светски технолошки свет, вие сте идните технолошки лидери. Образованието и науката не се само професорска, истражувачка и студентска обврска. Нивниот обем, квалитет и домет се резултанта на содејството меѓу образованието, науката, политиката и општеството. Затоа нам ни треба координирана, одговорна и развојна образовна политика, рече Сиљановска-Давкова.

Посочи дека не е можно да се задржат најдобрите и најперспективните, без соодветна пред се реформирана финансиска политика, пријателска кон најдобрите и почитувачка на квалитетот, додавајќи дека Копенхагенските критериуми, односно европските стандарди, мора да најдат место и примена во финансирањето на високообразовните и научни институции.

Мора да исчекориме на релевантните високообразовни листи каде што не нема, наместо да паѓаме, преку преиспитување, односно реакредитација и реевалуација на мрежата, концентрирајќи се на неутрален, објективен пристап, заснован на докази и факти, а не на етно-партиска заднина што продуцира образовна и научна мимикрија, наместо валидно образование и наука. Нам ни требаат европски критериуми за градење академска кариера, интензивна регионална и европска научна соработка, интеграција во европската истражувачка сфера и афирмација на меѓународниот образовен и научен пазар. Мора да го следиме успешниот модел од соседите. И како индивидуалци и како заедница веруваме во вашите знаења, вештини, креативност и убедена сум дека не ви недостасува благородност, хуманизам и патриотизам. Создавајте модерен, напреден, но, пред сè, благороден, морален и поубав свет. Посакувам меритократија, покрај демократијата, особено во државната и јавната администрација зошто таа некогаш ги носи клучните одлуки и во дејностите од општ интерес, конкурс за сите позиции, транспарентна постапка на избор, одговорност. Цврсто верувам дека само учени луѓе може да разберат и да поддржат наука и научници како вас, носителите на драгоцени инженерски прстени!, рече во обраќањето до нагардените дипломирани студенти Сиљановска-Давкова.

Инженерскиот прстен, најпрестижното признание кое 22 години по ред се доделува на најдобрите меѓу најдобрите, е празник на знаењето, прослава на трудот и восхит за талентот, рече во обраќањето кон наградените Кристинка Чулак претседателка на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија.

Денес, со искрено чувство на благодарност славиме за млади луѓе кои се гордост на своите семејства, на своите факултети и на својата татковина.  Вие, најдобрите дипломци од инженерските факултети во Македонија, сте доказ дека трудот, знаењето и посветеноста секогаш наоѓаат пат до признание. А Инженерскиот прстен, што денес го добивате не е само симбол на академски успех. Тој е знак на довербата дека сте подготвени не само да ја носите титулата инженер, туку да ја понесете и одговорноста што таа ја носи. Во времиња кога светот се менува со трескавично темпо, потребни му се умови како вашите, умови што не се задоволуваат со просечното, само со тоа што е можно, туку умови што се стремат кон уште повеќе, кон неможното. Цврсто верувам дека меѓу вас има идни лидери, визионери, претприемачи и носители на големи промени. А нашата земја има итна потреба од млади луѓе како вас, способни, вредни и етички стабилни,кои ќе бидат двигатели на развојот, на иновацијата и на одржливата иднина, истакна Чулак.

Овој ден не е само обична церемонија, тој е симбол на една посветеност, на една умешност, на интелектуална зрелоста и на силна волја, доказ дека упорноста и трудот секогаш имаат смисла и резулат, рече Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија.

Овој ден зборува за иднината, не само за личната, туку и за иднината на нашата држава Македонија, на нашето општество, на светот кој сакаме да го градиме. Инженерството отсекогаш било во центарот на човечкиот напредок. Но, истото не е само техничка дисциплина, тоа е и начин на размислување, начин на гледање на светот како проблем што чека да биде решен, подобрен или оптимизиран. Како инженери ние сме луѓето кои стојат меѓу идејата и реалноста, рече Лепавцов.

Посочи дека улогата на инженерите не е само да создаваат, туку да создаваат и со одговорност.

Да не заборавиме дека секоја голема технологија што не носи напред има и потенцијал да не оддалечи од хуманоста, ако не е насочена со етика, визија и свест. Овој прстен што денес ќе го носите не е само признание, тоа е обврска да ги применувате своите знаења со чест.  Да поставувате стандарди на квалитет, да размислувате долгорочно, да не заборавите никогаш дека инженерството е професија во служба на општеството. Македонија има потреба од вас не само како експерти, туку како гласни и храбри мислители, како визионери што ќе ги движат нашите индустрии, ќе го модернизираат нашето образование и ќе придонесуваат за одржлива и конкуретна економија, Вашата мисија започнува сега и не е мала, додаде во обраќањето кон наградените дипломирани студенти.

Инаку, „Инженерски прстен“ годинава се одржува по 22. пат. Манифестација е во организација на Инженерската институција на Македонија и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, и под покровителство на претседателот на државата.

Фото галерија:

Врачен „Инженерски прстен“ за 2025 година на најдобрите 14 дипломирани студенти на инженерските факултети

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска