По падините на планината Мазатар во чии долови е сместено селото Куратица се одржа државен натпревар во планински велосипедизам за бодовната листа на Македонската Федерација. Велосипедскиот Клуб Екодром од Охрид кој беше главен организатор на натпреварот, со заедничка соработка од страна на месната заедница на Куратица се потрудија да ги изненадат велосипедистите како со одлично подготвената атрактивна патека по падините на околните ридови, така и со вкусно подготвената традиционална трпеза, која се послужи по завршувањето на натпреварот.

 
Интересен момент на целиот настан беше групата на навивачи од Холандија. Уште во раните утрински часови се упатиле по падините на Мазатар да уживаат во звуците на недопрената природа. Нивниот водичот им објаснал дека обележаните патеки со ленти во портокалова боја и стрелки ја означуваат патеката на која подоцна ќе стартува натпреварот во планински велосипедизам. Воодушевени од тоа што имаат можност да присуствуваат на еден таков настан побрзале со прошетка и првично застанале на најатрактивниот предел од патеката да го следат натпреварот, каде велосипедистите со огромна брзина се движат по ивицата на кањонот од реката, а подоцна се спуштија сред село на стартната рамнина и продолжија да ги бодрат натпреварувачите. Уште еден доказ дека туристите во голема мера се заинтересирани за активностите во природа.

Куратица за прв пат беше домаќин на еден ваков натпревар, кој се очекува да прерасне во традиција. Велосипедистите презадоволни од атрактивната и динамична патека која изобилува со најразличен терен, од брзи спустови по тревна површина, па до технички моменти низ карпастите предели на ридовите и стрмните долови од речните корита.

Велосипедистите во дресот на Екодром – Дивела, и на овој натпревар како домаќини со голем број на медали. Од вкупно 18 медали во 6 категории,  9 медали за Екодром – Дивела: 2 златни, 4 сребрени и 3 бронзени според категории:

Злато : Јован Јованоски – кадети,   Михаил Тасески  – Хоби

Сребро: Кристијан Николоски – јуниори,  Петар Упевчески – кадети, Теодора Алексиоска – жени,  Филип Петрески – хоби

Бронза:  Бленди Троци – сениори, Сара Пешликоска – жени, Иво Србакоски – хоби

 Следниот натпревар во планински велосипедизам и последен од сезона 2012, повторно во организација не Екодром – Дивела, ќе се вози на најатрактивната патека во Македонија – урбан крос ЛИХНИД. Со старт и цел на Античкиот театар, предизвик на велосипедистие ќе бидат сокаците и к‘лдрмата низ Варош, тесните патеки околу Самоилова тврдина низ багремите и бадемите по Бајрон, боровата шума над Лабино, Плаошник и Канео, патека од која се воодушевени велосипедистите како од Македонија така и од странство, при што се очекува и присуство на странски велосипедости.

Ohridnews