Кошаркарите на АВ Охрид, забележаа тесна победа (79-78) против Рилски Спортист во првиот од двата контролни натпревари кои двете екипи ќе ги одиграат викендов во СРЦ „Билјанини Извори“.

„Галебите“, до триумф во првиот тест стигнаа со фантастичен пресврт во вториот дел откако после првите 20 минута имаа негатива од 14 поени.

Охриѓани, добро и ефикасно го отворија мечот и поведоа со 9-2. Бугарскиот состав после летаргичниот почеток се врати во игра и до крајот на првиот квартал успеа да обезбеди минимална предност од 23-22.

Нивото на игра кај охриѓани падна во вториот период а гостите ја користеа секоја прилика да поентираат. Таквиот развој на настаните им донесе плус 14 на гостите на полувремето (46-32).

Избраниците на Марјан Илиевски во третата четвртина ги остранија сите аномалии и почнаа полека да ја топат предноста на гостите. Охридските кошаркари во неколку наврати стигнуваа до пет негатива, но Рилски Спортист оддолеваше на нападите и во решавчките десет минути влезе со предност од шест кошеви.

Целиот свој квалитет и потенцијал, „галебите“ го демонстрираа во четвртиот квартал. Играта на нерви не им сметаше на охриѓани кои погодуваа и кога беше најтешко и најпотребно. Бугарите го загубија здивот, а тимот на АВ Охрид го сврте резултатот и славеше со 79-78.

Најефикасен со 23 кошеви заврши Данило Мијатовиќ. Двоцифрен учинок имаа уште Игор Мијајловиќ (17п), Остин Ајуква (15п), Александар Штерјов (12п) и Марјан Младеновиќ (10п). Во гостинскиот состав расположен за игра беа Квасивер Џонсон со 15 поени и Брендон Браун со 14 поени.

Утре, со почеток во 16 часот, двете екипи ќе одиграат нова тест средба.

OhridNews