Кошаркарите на АВ Охрид в сабота на домашен терен со почеток во 18 часот ќе го пречекаат составот на Вардар во 9-та рунда од Првата кошаркарска лига. „Галебите“ паузата во кошаркарска елита поради настапот на Македонија во преквалификациите максимално ја искористија за подготовка за дуелот со скопските „црвено црни“ и двата преостанати со Гостивар и Пелистер кои ќе означат крај на првата полусезона.

Стратегот Петар Чочороски на претпоследниот тренинг им ги кажуваше последните финеси на своите избраници,кои, во претходнаа рунда го совладаа Шкупи за прва победа сезонава. Натпреварот се игра в сабота со почеток во 18 часот, а клубот во соработка со Ohrid News обезбеди пренос во живо од мечот во СРЦ „Билјанини Извори“.

Во пресрет на натпреварот во Охрид, Вардар со скор 2-5 се наоѓа на осмата позиција, додека охриѓани со скор 1-6 се две места подолу и го заземаат десеттото место.

Деветтата рунда ќе понуди неколку интересни пресметки, а за издвојување е градското дерби во Гевгелија помеѓу Кожув – Блокотехна. Во другите средби силите ќе ги одмерат Работнички – Шкупи, Куманово – Фени Индустри, Гостивар – Пелистер.

OhridNews