Осум децении Црвен крст Охрид е синоним на посветена работа за доброто на општеството и заедницата. Големиот јубилеј оваа етаблирана волонтерска организација го одбележа синоќа на „Долни Сарај“ во Охрид, во присуство на бројни гости, почитувачи, подржувачи, соработници и активисти.

Секој ден од овие 80 години носи некоја хумана приказна која допира до нечие срце, секој хуман гест усреќува некого, тоа е нешто што нас не исполнува. Замислете осум децении колку сме ние полни со радост и среќа за она што сме направиле ние и генерациите пред нас, изјави за Охридњуз претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Со многу емоции беше истакната улогата и придонесот на сите оние што биле и се дел од осумдецениското патување на Црвен крст Охрид и одадена почит на основачите, волонтерите, вработените, на соработниците, поддржувачите, донаторите, институции и на генерации охриѓани кои несебично дарувале време, срце и енергија кои  ја правеле и ја прават возможна работата на Црвен крст Охрид.

Многу генерации охриѓани со дела дале свој придонес низ годините работа во организацијата и ние сме горди на нив, но горди сме и на младите кои што ќе ја носат иднината на Црвен крст Охрид. Осум децениии подоцна се надевам дека луѓето ќе се гордеат на нашите дела и ќе го продолжат овој пат којшто е посветен, искрен, хуман и придонесува голем број луѓе да бидат среќни и да можат да се испоплнат себе си, додаде Точков, кој изрази надеж дека Црвен крст Охрид уште долго ќе биде светилник на хуманоста.

Претседателот на Црвениот крст на Македонија, проф. д-р Ромел Велев, истакна дека Општинската организација на Црвен крст Охрид е светол пример на хуманост, солидарност и посветеност.

Упатувам искрени честитки на сите членови, волонтери и соработници на Црвен крст Охрид за нивната макотрпна работа, посветеност и резултати што го надминуваат локалниот карактер и се впишуваат во историјата на нашето национално друштво, но и во сеќавањата на оние на кои им помагале. Црвен крст не е само организација, тоа е чувство, надежта која не згаснува. Од основањето во 1945 година па се до денес оваа организација е жив сведок и активен учесник во сите кризни ситуации, здравствени, социјални, природни катастрофи, но и секојдневна потпора на многу семејства. Во сите овие години волонтерите од Охрид и Дебрца со љубов и несебичност покажаа што е вистинска хуманост, истакна на свеченоста претседателот на Црвениот крст на Македонија Ромел Велев.

На свеченоста беа доделени и највисоки јубилејни признанија-плакети на Јованка Стурлакова-Коровешовска и Соња Стурлакова-Димовска за нивниот преку 50 годишен ангажман и придонес за развој на Црвен крст Охрид. Јубилејни плакети беа доделени и на организациите на Црвен крст Бамберг, Германија, Црвен крст Суботица, Црвен крст Крагуевац, Црвен крст Ужице, Србија и Црвен крст Бар, Црна Гора во знак на почит и благодарност за долгогодишна и континуирана соработка во многу заеднички проекти и резултати, што придонесле за надградба на капацитетите и развој на организацијата.

Беше истакната и успешната соработка на Црвен крст Охрид со други организации на Црвен крст од Холандија и Норвешка и долгогодишната плодна соработка со организацијата Canadians for Children at Health Risk-CCHR (Канаѓани за деца во здравствен ризик), од Торонто, Канада.

Фото галерија:

По завршувањето на официјалниот дел присутните имаа можност да се запознаат со дел од ресурсите и опремата во делот на подготвеност и дејствување при катастрофи на Спасителите на вода, Планинската спасителна служба, тимовите за прва помош, работата на младите, Нега центарот, Програмата за грижа за стари лица и дирекно да разговараат со волонтерите на Црвен крст Охрид вклучени во активностите.

Г.М.
Фото: А. Момироска