На свечена академија што се одржа синоќа во катедралната црква Св. Софија, беа доделени највиските општински признанија, со што беа заокружени неколкудневните чествувања на Св. Климент Охридски – заштитникот на Охрид.

Наградата за животно дело оваа година постхумно му беше доделена на истакнатиот охридски новинар, хроничар и публицист Владимир Ангеличин Жура, кој почина во ноември во 78 година од животот. Наградата ја прими неговиот син Филип Жура.

Оваа година беа доделени пет повелби „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“ на НУ „Завод и Музеј“ Охрид, Јорданка Матова, „Силви Бенд“, Даниел Јовески и The Backdoor Band.

Свое обраќање пред присутните имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој потсети на значењето на делата на Св. Климент.

Од оваа Света почва никнаа писатели, учители, свештеници, монаси и народни просветители, што ќе го понесат во срцето Словото што Климент го остави. А тоа Слово не беше само азбука, туку пат кон слободата на духот, пат кон самосвеста на еден народ. И денес, во нашево време на забрзаност и заборав, Климент ни зборува од длабочината на вековите: „Не бегајте од Словото, зошто во него е спасението. Не бегајте од коренот, зошто од него живее дрвото.“ Неговите зборови звучат како да се напишани вчера, зошто тој го разбирал човекот во секое време, рече Пецаков.

Неговото време беше доба на градење – градење букви, градење цркви, градење народ. Нашето време е доба на одржување и заштита – да го одржиме коренот и да го заштитиме идентитетот што Климент со љубов го создал, додаде Пецаков.

Затоа, да ја преточиме неговата мисија во нашата денешна реалност! Да бидеме трудољубиви, светлоносни како него! Да се сакаме и почитуваме еден со друг од срце. Да ја воздигнеме нашата совест и духовност. Во денешниов миг, кога времето бега, а луѓето забораваат, нека ни се врати во умот ликот на овој благороден Христов апостол, кој од ученик стана учител, од монах – светилник, а од човек – Светец. Да не дозволиме Словото да се олади, ниту верата да ослаби. Да ги чуваме делата на Светиот Климент како што се чува оган во срце – со трепет и љубов. Зошто, ако ја изгубиме духовноста, ќе станеме сенки без дрво, а ако го зачуваме духот Климентов – тогаш, и по илјада години, Охрид ќе свети, истакна Пецаков.

Свеченоста на која присуствуваа бројни гости, истакнати личности од јавниот живот на Охрид, беше збогатена со пригодна културна програма.

Фото галерија: 

Доделени највисоките општински признанија

Г.М.
Фото: Бобан Стојаноски