Животот во Охрид пред почетокот на Втората светска војна, за време на војната и по неа низ фотографиите на охридскиот фотографот Јонче Поп Стефанија беа прикажани на изложбата која вчеравечер беше отворена во Куќата на Уранија.
Насловена како „Охрид 1940-45“ беше поставена од страна на универзитетскиот професор и директор на Македонскиот центар за фотографија, Роберт Јанкулоски, кој истакна дека изложбата низ фотографиите го прикажува животот на обичниот човек во Охрид, но и животот на војниците и тие кои времено претстојувале во овој град. Фотографиите потенцира имаат голема документарна вредност.
Од целокупното творештво на Јонче Поп Стефанија овде е изложена „една капка од езерото“. Еден дел од неговите фотографии, 33. При изборот гледав да има најразлични пристапи и теми од овој период. Тука особено интересни се фотографиите кои се снимени на плажите во Охрид, пристаништето, пристигнување на бугарските, германските, италијанските војници, партизаните кога дошле во 1944 година, како и животот по кафеаните, улиците, портрети на деца. Овие фотографии претставуваат навистина еден богат фотографски колорит, вели Јанкулоски.
Додава дека за идејата за претставување на фотографиите пред пошироката јавност наишол на големо разбирање од страна на семејството Поп Стефанија кои биле свесни дека ова е едно големо културно богатство кое треба да биде прикажано пред јавноста.
Фотографиите се отпечатени на архивска хартија по сите светски стандарди и се надевам ќе имаме средства да направиме една голема изложба и монографија. Во наредниот период ќе промовираме се повеќе и повеќе фотографии од Поп Стефанија, додаде Јанкулоски.
Навистина ме радува големиот интерес да се види оваа изложба која претставува „ископано“ богатство рече синот на охридскиот фотограф Љупчо Поп Стефанија.
Јас имав една добра колекција повеќе пакети на негативи и решивме да направиме соработка овие негативи да ја видат светлината на денот. Да најдеме фотографии со уметнички и документарен израз, вели Поп Стефанија.
Академик Вера Грозданова Битракова истакна дека Поп Стефанија бил фотограф со голема душа кој произлегол од големото семејство на фотографи и својата кариера ја започнал од својата фамилија. Оваа традиција и љубов кон фотографскиот занает долго беше пренесувана во фамилијата потенцираше.
Кај вујко Јонче имаше нешто особено, тој знаеше да сними детал како да знаеше дека во времето што следи фотографијата ќе стане уметничко дело. Тој тоа не го знаеше, но тоа го чувствуваше, рече академик Грозданова Битракова.
Како заменик-градоначалник на Општина Охрид пред присутните се обрати и Перчо Божиновски кој истакна дека токму изложените фотографии не враќаат во едно време, да го видиме духот на тоа време.
Гледајќи ги овие фотографии да се присетиме на духот кој владеел тогаш во Охрид и така да ги пренесеме и тие гледишта кои биле во тој период на идните генерации, а всушност да ја претставиме сликата на Охрид таква каква што вистина е и си ја сакаме ние. Да се присетиме на едно време кое буди спомени, додаде Божиновски.
Како дел од овој проект беа исчистени, препакувани, дигитализирани и дигитално реставрирани 1.025 негативи од фотографската збирка на Јонче Поп Стефанија. Изложбата во Куќата на Уранија ќе биде поставена до 19 јули.
Фото галерија:
Фотографиите на Поп Стефанија сведок за животот во Охрид во 1940-45
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска