ГРК Охрид го совлада Олимпијакос и во реванш натпреварот и обезбеди пласман во полуфиналето од ЕХФ Европскиот куп. Во прекрасен спортски амбиент во исполнетата сала „Билјанини извори“ Охрид вечерва славеше 25:24 и за прв пат во своето постоење ќе игра во завршницата на едно европско натпреварување, што е најголем успех на охридскиот клупски спорт.

Големо славје на ГРК Охрид по пласманот во полуфиналето од ЕХФ Европскиот Куп. Фoтo: Анамарија Момироска I OhridNews

Носени од три илјадната публика и верните „Рибари“ избраниците на Борис Ројевиќ одиграа тежок и исцрпувачки натпревар во кој не му дозволија на противникот да го доведе во прашање исходот од двомечот во кој Охрид славеше две победи над Олимпијакос и закажа полуфинале со екипата на Целје.

Верни, верни „Рибари“. Фoтo: Анамарија Момироска I OhridNews

Најефикасен во редовите на Охрид беше Иванковиќ со 8 гола, Јагуриноски постигна 4, а Вуко Борозан 3 гола, но мораше да го напушти натпреварoт пред време поради повреда. На голот извонредниот Пилиповиќ мечот го заврши со 12 одбрани.

Голманот Пилиповиќ одличен и во реваншот со Олимпијакос. Фoтo: Анамарија Момироска I OhridNews

Статистика ГРК Охрид: Пилиповиќ (12 одбрани), Блажески, Иванковиќ 8, Јагуриноски 4, Борозан 3, Ѓукиж 3, Лиапис 2, Прибетиќ 2, Стрмљан 1, Ојлески 1, Тасески 1, Кукуловски, Реј Моралес, Савревски, Петриќ, Ќосевски.

Анте Иванковиќ во напад. Фoтo: Анамарија Момироска I OhridNews

Влеговме во мечот со +5, но сакавме да одиграме добар меч пред нашата публика и во ваква атмосфера би било штета да не се одигра машки и да не се победеи. Среќен сум, како и целиот тим бидејќи доколку загубевме и се пласиравме понатаму тоа нема да беше тоа, изјави по натпреварот бомбардерот на Охрид Анте Иванковиќ.

Охридската ракометна тврдина. Фото: Анамарија Момироска I OhridNews

Првиот полуфинален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп се игра во Целје  на 25 или 26 април, а реваншо е во Охрид на 2 или 3 мај.

Фото галерија:

ГРК Охрид и во реваншот поуспешен од Олимпијакос за историско полуфинале со Целје

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска