Некои дојдоа по резултат. Некои по личен рекорд. Некои за првпат облекоа стартен број. Но, сите си заминаа со иста слика во мислите, Охрид е град што трча со полно срце.

Момент од 10-то издание на Охрид трчаТ. Фото: Анамарија Момироска I OhridNews

Јубилејното 10-то издание на „Охрид трчаТ“ уште еднаш покажа дека ова не е само спортски настан. Тоа е викенд во кој Охрид живее поинаку. Во кој кејот се претвора во стартна линија на илјадници лични приказни, а улиците низ градот стануваат сцена на упорност, емоции и заедништво.

Повеќе од 2.700 учесници од над 30 држави беа дел од најмасовното издание досега, претворајќи го Охрид во регионален центар на рекреацијата, спортот и позитивната енергија.

Од првите утрински часови, па сѐ до последниот финишер, атмосферата покрај патеката беше исполнета со аплаузи, охрабрувања и искрени емоции. Имаше солзи радосници по соборени лични рекорди, прегратки на целта, детски насмевки и моменти кои вредат повеќе од секој освоен медал.

Во спортскиот дел, македонскиот рекордер и олимписки репрезентативец Дарио Ивановски уште еднаш ја потврди својата класа, триумфирајќи на полумаратонот. Но, како и секоја година, вистинските победници беа сите оние кои се осмелија да застанат на стартот и да ја завршат својата трка.

Посебна убавина на „Охрид трчаТ“ и оваа година беа луѓето. Волонтерите кои со денови работеа зад сцената. Навивачите кои со часови ги бодреа тркачите. Семејствата кои заедно го поминаа викендот покрај езерото. Гостите кои за првпат го откриваа Охрид и оние кои одново му се враќаат секој јуни.

Десет години по првото издание, „Охрид трчаТ“ одамна е повеќе од трка. Тоа е заедница. Традиција. Промоција на Охрид пред светот. Настан кој ги спојува спортот, туризмот, пријателството и љубовта кон животот.

А фотографиите што остануваат зад нас најдобро го раскажуваат тоа, не бројките, не секундите и не пласманите, туку луѓето. Насмеани, уморни, среќни и горди што биле дел од уште една охридска приказна која трае веќе една деценија.

Фото галерија:

Охрид повторно трчаше. И повторно победи.

Г.М.

Фото: Анамарија Моимироска