Три ноќи Охрид пулсираше во ритамот на Фестивалот на виното, кој донесе многу позитивна енергија и добро расположение. На фестивалот учествуваа дваесеттина винарии, од сите региони на земјата.
На годинешниот фестивал пред охриѓани и туристите покрај добро познатите големи вински брендови, се претставија и некои од помалите и семејни винарии.
На фестивалот беа понудени многу бели сорти вина како темјаника, траминец, сувињон блан, шардоне, македонската сорта смедеревка, виоњер, ризлинг, ркацители, мускат отонел и многу други. Љубителите на црвените вина пак имаа можност да пробаат голем број вински сорти како вранец, каберне сувињон, мерло, пинот ноар, картошија, каберне франк, станушина и други. На дегустација беа и розе вина, како и куве варијации и специјални рецепти на македонските винарии.
Музичката програма, составена исклучиво од домашни изведувачи, понуди интересна забава за сите вкусови.
Публиката оваа година на Вино фест во Охрид уживаше во настапите на „Баклава“, Миле Кузманоски, „Куку Леле“, Лугер, „Брас брадрс“, „Бекдор бенд“, „Нокаут“, Александар Јосифоски, „Фитс анд инвизиблс“ и „Фанк Шуи“.
Оваа година фестивалот се одржа во месец јуни, со што и официјално започна главната туристичка сезона во Охрид.
Г.М.
Фото: А. Момироска