Охрид и Алкалоид одиграа нерешено 27:27 во драматичен натпревар вечерва во салата “Билјанини извори”, во рамки на 2 коло од плејофот во ракометната Супер лига.

Мечот беше тврд, неизвесен, полн со електрицитет и нервоза поради огромното значење, бидејќи двете екипи претендираат на пласман во ракометната Евро лига. Во таква консталација, разбирливо одбраната играше голема улога.
Двајцата тренери тактички се надмудруваа, а на теренот се водеше вистинска спортска војна. Не изостанаа ниту провокации и искри помеѓу гостинската клупа и охридската публика. Во еден момент тренерот на гостите, Кирил Лазаров, незадоволен од судењето влезе во жестока расправија со публиката што ја запали атмосферата во „Билјанини извори“.
Уште од самиот почеток на мечот се виде дека ќе одлучуваат нијанси, еден потег, една грешка, играчка, голманска, судиска. На крајот сите беа незадоволни, што може да се протолкува на безброј начини. Но, ајде за спортскиот дел. Мечот почна израмнето, со по еден гол на обете страни, по што Охрид поведе со 2:1, а Пилиповиќ одбрани пенал.
По стартните возбудувања, ритамот се засили, а битката на теренот максимално се ражести. Во 17 минута беше 7:7, а пет минути подоцна гостите имаа +2 (9:11). Со серија од 3:0 Охрид го врати водството 12:11, но Алкалоид возврати и со гол предност, 13:14 се замина на полувреме.
Вториот дел Охрид не го отвори добро. Алкалоид ги искористи грешките и промашувањата на домаќинот и поведе со 3 гола разлика, 13:16. Во тие моменти проработи Иванковиќ кој го врати Охрид во игра, а со голот на Стрмљан домаќинот најпрвин израмни 17:17, а потоа со гол на Ѓукиќ од пенал и поведе 18:17. Возврати Митев, по што Охрид со мини серија која ја започна Вуко Борозан поведе 20:18. Но, Алкалоид со серија 0:3 го врати водството.
До крајот на мечот гледавме вистински ролеркостер. Екипите час се менуваа во водство, час беше нерешено. Во 26 минута на семафорот стоеше 26:26. По прекршокот врз Прибетиќ, Ѓукиќ од 7 метри донесе водство на Охрид 27:26. Алкалоид не го реализира својот напад, но на спротивната страна Ѓукиќ откако остана сам на крило промаши извонредна шанса. Следеше тајмаут на Лазаров по кој Борсаш израмни на 27:27. Охрид го имаше последниот напад, но промена на резултатот немаше.
Најефикасен во редовите на Охрид беше Ѓукиќ со 8 гола, Пилиповиќ на голот имаше 13 одбрани.
Статистика ГРК Охрид: Пилиповиќ (13 одбрани), Блажески, Борозан 3, Стрмљан 4, Јагуриноски 1, Ојлески 2, Иванковиќ 4, Кукуловски, Тасески, Реј Моралес, Лиапис 1, Саврески, Ѓукиќ 8, Ќосевски, Петриќ 1, Прибетиќ 3.
Капитенот Ојлески по мечот изјави дека натпреварот бил очекувано тежок и тврд, посчувајќи дека секој меч до крај на плејофот ќе биде таков.
Можеше резултатот да биде позитивен за нас, но и за Алкалоид. Имаше подеми и падови и можеби на крај резултатот е реален. Можеби ни фалеше концентрација, многу грешки направивме што веројатно беше причина за ваквиот резултат, истакна Ојлески.
На табелата води Вардар со 44 бода, четири повеќе од Охрид и Е. Пелистер кои имаат по 40. Алкалоид е на 4 место со 36 бода. Колото се комплетира утре со вечното ракометно дерби во Битола, каде се среќаваат Еурофарм Пелистер и Вардар.
Мечот Охрид – Алкалоид имаше хуманитарен карактер. На влезовите од салата „Билјанини извори“ беа поставени кутии за донации, а собраните средства ќе бидат донирани за лекување на малата Ева која води битка со тешка болест.
Фото галерија:
Ракометна „војна“ во „Билјанини извори“, дерби натпреварот во Охрид без победник
Г.М.
Фото: А. Момироска





















































































