„Summer comedy festival“ што оваа година се одржува по седми пат, високо ја подигна летвичката на квалитетно организирани културни настани, во вистинска смисла на зборот. Во морето концерти, разно разни фестивали, скапио спонзорирани масовни дешавки, турбо фолк лумперајки и други случувања, „Summer comedy festival“ се издвојува со уникатен концепт и квалитет кој одамна ги надмина границите на регионот. Потврда на тоа се гостувањата на најдобрите стендап комичари на Балканот, но и распродадените настани на кои настапуваат извонредни домашни комичари.
Четиринаесетта вечер на „Summer comedy festival“ го донесе вториот настап на 2 Mothers Brothers & 2 Cousins“, овој пат на сцената на култниот Џез Инн. Пеколно комично кабаре исполнето со шеги и пародија на познати песни – сатирична рефлексија на случувањата во општеството.
Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Јане Тодороски и Никола Јосифоски максимално ги оптеретатија стомачните мускули на присутната публика која уживаше во деведесетминутното шоу исполнето со креативен хумор и импровизации кои никого не оставија рамнодушен.
„Summer comedy festival“ продолжува вечерва со шоуто „Црн хумор“ на Никола Силјаноски – Братучед кое, како и сите досегашни шоуа, целосно е распродадено.
Summer comedy marathon продолжува со несмален интензитет се до 13 август кога на програмата е големото финале што ќе се случи на сцената Долни сарај каде ќе настапат едни од најдобрите стенд-ап комичари на Балканот, Никола Тодороски – Македонија и Срѓан Олман – Србија.
Карти и резервации за финалето на Summer comedy marathon на следниот ЛИНК.
Фото галерија:
Шоуто „2 Mothers Brothers & 2 Cousins“ – сатирична рефлексија на случувањата во општеството
Текст и фото: Г.Момироски