Градот Охрид, охриѓани, спортистите, спортските работници и волонтерите се побогати за уште еден спортски настан од светски размери, откако повеќе од успешно Здруженијата „Трекс“ од Скопје и Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите-сите за Спорт“ од Охрид го организираа „Охрид Ултра Треил“. Планинарската трка која по втор пат се одржа во Националниот Парк Галичица и Охридско-Преспанскиот регион по безбедносни критериуми според ITRA (International Trail Running Association) ги задоволат вкусовите на љубителите на планината и трчањето беше поддржана од Претседателот на државава Стево Пендаровски.

Своето учество на „Охрид Ултра Треил“ го потврдија точно 300 натпреварувачи од 24 земји, што доволно говори за каква спортска манифестација се работи.

Во овие невообичаени времиња кога нашето секојдневние е нарушено, многу спортски настани се откажаа насекаде низ светот. Сепак, на големо задоволство и радост на оние кои активно се занимаваат со спортови во природа, трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил се одржа и ги оправда сите очекувања и ги заслужи сите суперлативи. – изјави директорот на трката Дејан Крле.

„Стотката“, како што планинските тркачи ја нарекуваат жаргонски, е трката – знаменосец и започна од Кејот Македонија во центарот на Охрид, во 23 часот на 18 септември, петок. 40 натпреварувачи втрчаа во оваа авантура најпрво низ стариот дел на градот – варошот, преку Самоиловата тврдина па покрај туристичкиот симбол на нашата земја – Канео. Потоа, во текот на ноќта минуваа по макадамски патишта во пониските делови на планината Галичица низ сите села и населби кон живописниот манастир Св.Наум на јужната страна на брегот од Охридското Езеро.

Таму, во рана зора, на 19 септември, сабота, во спокојот на изворите на реката Црн Дрим, им се придружија 47 учесници кои стартуваа на втората трка „Галичица Ултра“- на едно незаборавно патешествие од 66 км. Заедничката маршрута го следи главното било во срцето на Националниот Парк Галичица, откривајќи чудесни пејсажи кон двете езера Преспанското и Охридското – истовремено. Третата трка – „Летница Треил“ – ја стартуваа 152 натпреварувачи во 10 часот во сабота на 19 септември од селото Рамне и понуди релативно кратка но еуфорична планинска дистанца од 18 км.

„Охрид Ултра Треил“, спортски спектакл од светски размери во Охрид!

OhridNews