Пред 50 години, во далечната 1967 година адвокатот Томе Кичеец ја отворил првата адвокатска канцеларија во Охрид. Две недели подоцна тоа го направил Петар Гоџо. Тоа се смета за почеток на исклучително успешната работа на познатото адвокатско друштво „Кичеец – Гоџо – Новаковски“, кое синоќа го одбележа златниот јубилеј.
На свеченоста што ја организираше друштвото, пристуствуваа претставници на адвокатската, судската и обвинителската фела од Охрид и Земјава, еминентни гости, познати јавни личности и пријатели на адвокатските семејства Кичеец, Гоџо и Новаковски.
-Се надевам дека нашите деца кои студираат на правниот факултет ќе имаат можност еден ден да ја продолжат оваа убава традиција. – рече адвокатот и постар партнер во друштвото Драган Гоџо.
Пред присутните се обрати и адвокатот Игор Кичеец. Тој истакна дека адвокатско друштво „Кичеец – Гоџо – Новакоски“ брои 11 адвокати плус стручни соработници и приправници.
-Многу често не прашуваат како успевате, бидејќи Охрид е мала средина. Нашето е најголемо адвокатско друштво надвор од Скопје, притоа без да имаме сериска работа од типот на масовни тужби. Ние се трудиме со доверба кон клиентите да го оправдаме нашето постоење и секогаш ќе се бориме за нивните права. После нас има кој да продолжи, а потврда на тоа е младиот адвокат Михаил Кичеец кој се запиша во друштвото токму на 50-годишниот јубилеј. – рече Игор Кичеец, кој во негов стил со песна им се заблагодари на гостите за присуството. Нему подоцна му се приклучија и колегите од друштвото.
Ристо Новаковски, исто така постар партнер, ја истакна добрата соработка во друштвото, на што се темели успехот во работењето.
-Сакам да им се заблагодарам на моите партнери со кои покрај сите разлики успеавме успешно да се занимаваме со оваа дејност како во нашата република, така и надвор. – рече Новаковски.
Пред присутните на свеченоста се обрати и Александар Гоџо, партнер во друштвото, кој истакна дека тоа има светла иднина затоа што наследниците во трите семејства кои го формираа успешно чекорат по патот на адвокатурата, а најмладите покажуваат потенцијал и интерес да ја продолжат успешната традиција.
Од името на адвокатската фела, присутите на свеченоста ги поздрави битолскиот адвокат Васко Ѓорѓев. Тој истакна дека адвокатурата е специфична професија која подразбира борба за правда и високи морални и човечки квалитети.
–Фактот што денеска имаме адвокатско друштво кое слави 50-годишен јубилеј, а тоа го наследуваат нивните потомци, говори дека се работи за успешни адвокати, адвокати од доверба и борци за човекови права, за што треба да им се оддаде голема почит. – рече адвокатот Ѓорѓиев.
Претседателот на адвокатската заедница во Охрид, Драги Коровешоски за успешната работа на адвокатско друштво „Кичеец – Гоџо – Новаковски“ му врачи благодарница за, како што рече, несебичниот придонес во развојот на адвокатурата во општина Охрид и Република Македонија.
Фото Галерија:

OhridNews
фото: Зебра продукција

































