ГРК Охрид го совлада Олимпијакос и во реванш натпреварот и обезбеди пласман во полуфиналето од ЕХФ Европскиот куп. Во прекрасен спортски амбиент во исполнетата сала „Билјанини извори“ Охрид вечерва славеше 25:24 и за прв пат во своето постоење ќе игра во завршницата на едно европско натпреварување, што е најголем успех на охридскиот клупски спорт.

Носени од три илјадната публика и верните „Рибари“ избраниците на Борис Ројевиќ одиграа тежок и исцрпувачки натпревар во кој не му дозволија на противникот да го доведе во прашање исходот од двомечот во кој Охрид славеше две победи над Олимпијакос и закажа полуфинале со екипата на Целје.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Иванковиќ со 8 гола, Јагуриноски постигна 4, а Вуко Борозан 3 гола, но мораше да го напушти натпреварoт пред време поради повреда. На голот извонредниот Пилиповиќ мечот го заврши со 12 одбрани.

Статистика ГРК Охрид: Пилиповиќ (12 одбрани), Блажески, Иванковиќ 8, Јагуриноски 4, Борозан 3, Ѓукиж 3, Лиапис 2, Прибетиќ 2, Стрмљан 1, Ојлески 1, Тасески 1, Кукуловски, Реј Моралес, Савревски, Петриќ, Ќосевски.

Влеговме во мечот со +5, но сакавме да одиграме добар меч пред нашата публика и во ваква атмосфера би било штета да не се одигра машки и да не се победеи. Среќен сум, како и целиот тим бидејќи доколку загубевме и се пласиравме понатаму тоа нема да беше тоа, изјави по натпреварот бомбардерот на Охрид Анте Иванковиќ.

Првиот полуфинален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп се игра во Целје на 25 или 26 април, а реваншо е во Охрид на 2 или 3 мај.
Фото галерија:
ГРК Охрид и во реваншот поуспешен од Олимпијакос за историско полуфинале со Целје
Г.М.
Фото: Анамарија Момироска




























































