По речиси два месеца интензивна работа, вечерва беше реотворен реновираниот ресторан на познатиот хотел на кејот на Охридското Езеро, „Милениум Палас“, кој полека добива ново руво.

Со нов ентериер, модерен изглед во кој суптилно се вклопуваат внимателно осмислени детали кои му даваат свежина на просторот, реновираниот ресторан на хотелот „Милениум Палас“ несомнено ќе претставува додадена вредност на охридскиот туризам и квалитетно ќе ја збогати понудата во претстојната сезона.

Комплетно е променет концептот, имаме нова кујна, воведено е ново мени кое покрај препознатливите традиционални јадења, е збогатено со бургери, бурита, пици, брускети и други специјалитети кои го следат модерното време. – истакнуваат од менаџерскиот тим на „Милениум Палас“.

Ресторанот во моментов има капацитет од 160 гости со можност за дополнување до двесте во внатрешниот дел и седумдесет до осумдесет гости на терасата.

На реотворањето на подновениот ресторан на хотелот „Милениум Палас“ присуствуваа голем број гости, туристички работници, деловни партнери и пријатели, кои опуштено уживаа во извонредната храна и музиката на Ламбе Алабакоски. Тој ја вжешти атмосферата со изведба на познати рефрени кои заедно со него ги пееја присутните гости.

Настапот на Ламбе Алабакоски е најава за новиот музички концепт на ресторанот во хотелот „Милениум Палас“ каде, според најавите на менаџерскиот тим, претстојната сезона ќе настапуваат познати естрадни имиња од земјава и регионот, исклучиво од забавната музичка сцена.

Покрај ресторанот, реновирани се и дваесеттина хотелски соби, а планот е до крајот на годината да се обноват и преостанатите.

„Милениум Палас“ започна со работа во 2001 година со 23 соби. Денес овој познат охридски хотел има капацитет од 69 соби и претставува значаен дел од туристичката понуда на градот.

Фото галерија:

Ресторанот во „Милениум Палас“ блесна во нов сјај

Г.М.
Фото: А. Момироска