Стоечки аплаузи долго одекнуваа во преполниот Центар за култура „Григор Прличев“ каде синоќа по шести пат во организација на OhridNews се одржа културно-забавното шоу „Зимска бајка“.
Музичкиот состав предводен од блескавиот вокал Емилија Колоска на извонреден начин ги донесе безвременските хитови од филмската уметност.
Димко, Анатолиј, Кречо, Ѓорѓи, Чиче имаа одлична поддршка од маестро Џевад Рамаданоски и неговиот син Бајрам, а настанот со посебна магија го зачини градскиот хор „Vox Lychnidos“ од чии редови беа и пратечките вокали, под маестрално водство на диригентот Бурим Хидри. Шоуто го разубави кореографијата на талентираните професионални танчерки Кала Каревски и Оља Тодоровска.
Финалето музички го одбележаа зурлите и тапаните на Перо Бели и синовите од Вевчани кои заедно со прекрасните гласови на Емилија Колоска и Драга Ставреска, предизвикаа силни емоции со изведбата на антологиската „Море сокол пие“, која специјално беше аранжирана за оваа прилика.
Присутните на шоуто долго не можеа да ги симнат насмевките од лицата по настапот на актерите Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“. Нивниот креативен хумор инспириран од реалноста до солзи ги насмеа присутните кои уживаа во секој момент од шоуто.
За звукот се погрижија „Лабино саунд“ и Митко Димоски од „Тралала студио“. Шоуто беше збогатено со визуелни ефекти од лабораторијата на „Кумев брадрс“, дискретна празнична атмосфера вдахна „Импакт груп“, а бајката во реалност ја претворија дузина волонтери и неопходната логистика која се погрижи настанот да мине во прекрасен амбиент.
Генерални покровители на „Зимска бајка 2022“ се АСП ПАК и Пе Логистик. Настанот беше поддржан од Општина Охрид, а го помогнаа: ОДВ Елетрик, ПАП, Инклузив, Хотел Чинго, Печатница Коста Абраш, Трпе Инвест, Топ Маркет, Оригинален Охридски бисер Филеви, Стоматолошки центар Д-р Баткоски и Виа Фарм аптеки, К груп, Дигитал бокс, Рондо трејд, Eplore Ohrid и други.
Организаторот упатува посебна благодарност до Центарот за култура „Григор Прличев“ за гостопримството и поддршката, како и на ЈП „Колекторски системи“, СВР Охрид, Младински центар Охрид, КИ 5 до 12, Црвен крст Охрид и сите вклучени во организацијата.
Настанот традиционално има и хуманитарен карактер. OhridNews во соработка со лајонс клубовите од Охрид: Лихнидос, Деница, Десарети и Охрид, обезбедија триесеттина пакети со храна за готвење наменети за наши сограѓани на кои тоа им е најпотребно, објави на крајот од шоуто главниот уредник на OhridNews и продуцент Горан Момироски.
Од настанот ќе биде изработено креативно видео во продукција на Digital Box, кое наскоро ќе биде споделено на платформите на OhridNews.
Непосредно пред Нова година, во издание на OhridNews, ќе биде промовирано печатеното издание на Годишната ревија на настани, која бесплатно се дистрибуира до читателите. На гала настан во Кадмо бар, кој ќе се емитува во живо на социјалните мрежи и на нашиот портал, ќе бидат доделени признанијата на најуспешните приказни во Охрид во 2022 година.
Г. Момироски
Фото: А. Момироска