Петтоодделенците од ООУ „Григор Прличев“ заедно со своите наставници и родители преку проектот „Гледај и учи“ имаа можност преку низата активности да се запознаат со природното и културно наследство во Охрид и знаењето да го пренесат најпрво на своите родители, а со изработките и видеата и на своите соученици.
Фокусот на проект „Гледај и учи” е подобрување на знаењето и подигнување на свесноста на учениците од основно образование за природното и културното наследство на Охридскиот регион заштитен од UNESCO.
Денес беше одржан завршниот настан со тематски изработки: „Гледај, учи и пренеси…ТИ-чувар на културното и природното богатство на Охрид“. Учениците велат биле вклучени во авантура од која излегле со поголема почит и љубов кон својот град.
Директорката на училиштето Лилјана Ефтимоска упати благодарност до Општина Охрид за изборот токму на нивното училиште да биде реализатор на проектот и што бил препознаен квалитетот и капацитетот на ученици и наставниот кадар.
Проектот вклучуваше ученици од петтото одделение кои заедно со наставниците реализираа активности во стилот на гледај, учи и пренесувај. Најпрво знаењата им ги пренесоа на своите родители, а потоа заедно со нив со низа активности ги реализираа сите активности предвидени во проектот. Благодарност до родителите за поддршката не само во овој проект, туку и во сите други училишни активности, рече Ефтимоска.
Советничката од Општина Охрид, Ана Крстеска истакна дека со овој настан се заокружува успешно реализираниот меѓународен проект „Гледај и учи“ како дел од програмата „CIPSS 2022-2023“ во која активно учество земаа Општина Охрид преку Секторот за туризам и локален економски развој и ООУ „Григор Прличев“.
Во денес изложените изработки е сконцентрирана суштината на проектот на кој сите вие работевте повеќе месеци, а која е подигнување на свеста и значењето за природното и културното наследство за регионот на Охрид. Знаејќи дека наследството на еден народ е преточено на неговата култура, сосема е логично да кажеме дека културата е една неизмерна сила која на народите им помага да ги надминат препреките, но им дава и волја да се соочат со нови предизвици. Во Охрид се наоѓаат многу места кои сведочат за нашето природно и културно наследство. Со овој проект се обезбедува стабилен и оддржлив континуитет во зачувување и проучување на природното и културното наследство, потенцира Крстеска.
Во името на родителите се обрати Николина Србакоска- Трпоска која изрази благодарност за вклученоста во проектот потенцирајќи ја важноста помеѓу соработката на родителите, децата и наставниците што се покажало и низ реализацијата на овој проект.
На настанот беа доделени сертификати и благодарници за активносто учество на вклучените наставници и ученици во проектот.
Инаку, Општина Охрид претставувана од М-р Ива Николоска и Ѓорѓи Трпески заедно со Даниел Китаноски од НВО Грифон Кичево аплицираа на проект CIPSS 2022-2023 Програма фокусирана на подобрување на капацитетите на општинските службеници за кодизајнирање и инклузивност на јавниот простор и услуги.
Во проектот 108 петтоодделенци од ООУ „Григор Прличев“ со своите одделенски учителки под координација на учителката Маре Ѓорѓиеска и Ивана Маховска Шикалеска учествуваа во проектните активности -едукативни посети на локалитети од посебна важност за град Охрид како и работилници во кои учествуваа и нивните родители.
Тимот од Општина Охрид во рамките на програмата учествуваше и на работилница организирана од престижниот универзитет Лунд од Шветска во Алачати- Турција каде претставниците можеа директно да црпат искуства од професори со светско реноме.
Н.С.Ј.
фото. Нина Ангелоска