Три дена трае сложената операција за намалување на нивото на вода во Слатинското Езеро, кое се заканува да се излее низ оштетената земјена брана која попушти при неодамнешните обилни врнежи од дожд.


Екипа на специјализирана градежна компанија и нуркачки тим на Дирекцијата за зашитата и спасување, успеаа да отворат неколку отвори во бетонската преливница на испустниот канал на акумулацијата. Нивото на вода е намалено за 30-40 сантиметри, а ќе бидат направени уште отвори со цел да се забрза празнењето на езерото.


Стручните лица се надеваат дека со намалување на нивото на езерото ќе се намали и притисокот врз оштетената земјена брана од чие подножје  веќе седми ден истекува вода.


Покрај ова се прават напори за отворање на главниот испустен вентил во езерото кој се наоѓа под големи наслаги талог. Доколку нуркачите успеат да го отворат уште повеќе ќе се забрза празнењето на акумулацијата.


Стручњаците будно ја следат состојбата на оштетната брана, која се уште се смета за сериозна. Тие се надеваат дека таа нема да се урне, што ќе предизвика поплави во атарите на селата Слатино, Слатински Чифлик и Издеглавје.


Евентуалното излевање на езерото ќе предизвика и голем помор на риба, поради што концесионерот на езерото прави напори за изнаоѓање решение за спас на богатиот рибен фонд.


Акумулацијата кај селото Слатино е изградена во 1963 година и служи за наводнување на околу 400 хектари плодно земјоделско земјиште во Дебрца.

Г. Момироски
фото: Емилио