Обилните врнежи од дожд проследени со грмежи, што попладнево го зафатија Охрид, не беа пречка охриѓани масовно и оваа година да дојдат во Лагадин на традиционалното одбележување на празникот посветен на Св. Софија и нејзините ќерки Љубов, Вера и Надеж, што се одржа во истоимената црквичка, која пред 14 години на ова место ја изгради Љупчо Патчев.
-За верниците не игра никаква улога времето. Кој верува оди во храм без оглед дали има дожд, снег, или сонце, вели Патчев.
Љупчо Патчев
Секоја година средствата кои верниците ги оставаат во црквичката се донираат во хумани цели.
–Оваа година, средствата ќе бидат донирани за набавка на вакцини против грип за најранливите категории граѓани, истакна Љупчо Патчев.
Инаку традиционално во Лагадин на овој празник доаѓаат и верниците кои носат име на некоја од маченичките. Тука тие заеднички го одбележуваат празникот и слават именден со сите посетители на храмот со пијалаци и храна кои самите ги носат.
Црквата во Лагадин е изградена по повод 2000 години од христијанството. Оттогаш секоја година на овој ден се организира заедничка прослава на празникот Св. Софија, Љубов, Вера и Надеж.
Г.М.