Испратена пораката за мир и промоција на здрави животни навики во рамки на денешниот меѓународен настан „Штафетно нуркање за мир“, односно пливање под вода-нуркање на здив во должина од 25 метри, кој се одржа во водите на Охридското Езеро кај старото пристаниште.
Целта ни е да ги мотивираме младите за спорт и спортски активности, но има и хуманистичка димензија да испратиме една силна симболична порака за мир, почитување и толеранција насекаде низ светот, бидејќи во овој момент во целиот свет има преку 60-тина воени конфликти. Луѓето треба да се вразумат и да се посветат на љубовта, почитувањето, толеранцијата и да завладее мир. Тоа е нашиот императив за организација на овој настан, посочи претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
На настанот учество можеа да земат сите кои се чувствуваа психофизички способни и здрави. Повеќе од десетина лица нуркаа по обележана патека кај старото пристаниште, а меѓу нив и Наум Стојаноски, спасител на ОО Црвен крст Охрид и член на НЦ „Амфора“.
Овој настан за мене претставува можност да сум дел од сите хумани луѓе тука и заедно сите да испратиме една сила порака за мир. Се надевам дека преку овој настан и сите други во рамки на „Ohrid Water Festival“ ќе ја мотивираме јавноста своите здрави животни навики да почне да ги практикува, посочи Стојаноски.
Специјален гостин беше човекот „амфибија“, 71-годишниот Јане Петков од Сандански, Бугарија, кој своето учество во оваа подводна штафета за мир го направи со нуркање на 25 метри со една рака врзана за телото.
Денешното нуркање ќе биде посветено на испраќање порака за мир во светот. Решив да нуркам со едната рака врзана за телото, подвиг кој прв пат го правам, 25 метри под вода само со една рака. Тренирав во Бугарија, но сега за прв пат ќе го изведам во постудени води и на 25 метри. Годинешниот подвиг е потежок од минатогодишниот, кога под вода врзан во вреќа се ослободив од синџири на рацете, бидејќи сега мора да се испушти голем дел од воздухот, а остатокот да биде така распределен да може да се поминат 25 метри под вода. Предвидено е овие 25 метри да ги поминам за побрзо од една минута и 25 секунди, рече Петков пред изведување на подвигот.
Воедно посака овој настан од следната година да биде поголем и во иднина да се организира и подвиг за Гинисовата книга на рекорди кој ќе биде посветен на Охрид, на Црвен крст и на Македонија.
Срцето е автономен орган, а човекот може да го контролира пулсот само со мислата и длабокото дишење. Мислата е најмоќна енергија, додаде Петков.
Настанот беше организиран и по повод одбележувањето на јубилејот 80 години Црвен крст Охрид, а во рамки на овогодинешното издание на фестивалот на водени спортови „Ohrid Water Festival 2025“.
Фото галерија:
Испратена порака за мир преку штафетно нуркање на здив
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска