Ракометарките на Лихнид експресно им се вратија на победите во Младинската лига совладувајќи го тимот на Чаир со 20-11 (13-3) во СРЦ „Билјанини Извори“.

„Китовите“ со убедлиот триумф им се реваншираа на противничките за поразот од првата полусезона и го презедоа нивното место на табелата. Со скор од четири победи и осум порази охриѓанки се шестопласирани на табелата.

Предноста и сигурната победа на охридскиот состав му донесе добрата игра во одбрана во првото полувреме. Гостите мечот го отворија со 2-0, а домашните ракометарки возвратија со 8-0 за водство од 8-2 на семафорот. Ракометарките на Чаир погодија уште еднаш, а нашите ракометарки со пет голови го финишираа првиот дел за водство 13-3.

Избраничките на тренерскиот тандем Филип Јовановски-Билјана Богданова-Смилевска во второто полувреме ја задржаа убедлива предност и на рутински начин го спроведија мечот во мирна завршница.

Листата на стрелци ја предводеше Кристина Костеска со пет голови. По четири пати прецизни беа Викторија Алексиоска и Николина Угриноска, Драгана Усовиќ застана на три голови, а еден помалку реализираше Мендувие Далипоска. Пивотменот Јана Ангелоска и крилото Јована Софковска по еднаш ја погодија мрежата.

Во следната 15-та рунда охриѓанки гостуваат во Скопје, а силите ќе ги одмерат со лидерот на табелата Вардар.

OhridNews