Суштината на литературата е во тоа што не познава граници. Соработката на македонските и српски писатели и поети влечи длабоки корени од минатото и се негува и ден денес. Бројни книги до сега се преведени како од македонски на српски, така и обратно. Истите се одлично прифатени во двете земји. Србија е земја која ја почитува македонската литература и македонската култура. Ова беше посочено на денешната средба помеѓу српски и македонски писатели и поети која се одржа во просториите на Почесниот конзулат на Република Србија со седиште во Охрид во организација на Здружението за српско – македонско пријателство „Коштана“.

Писателот Радомир Андриќ, поранешен претседател на Друштвото на писатели на Србија, навраќајќи се на минатото се сеќава на соработка со Блаже Коневски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Радован Павловски, Ренџови, на учествотото повеќе од 40 пати на Струшките вечери на поезијата, но и на преведените негови книги на македонски јазик, за кои вели досега се седум.

Се чувствувам дека сум и македонски писател. 200 книги од македонски писатели се преведени на српски јазик. Излегува книгата овде во Македонија и истиот момент се преведуваат и во Белград. Таму имаше неколку издавачки куќи кои навистина многу добро работеа и имаше многу преведувачи. Секако, и денес, како што се Виктор Б. Шеќероски и Ристо Василевски и некои други, тие сигурно го прават тоа. Во Србија како што сите знаете, постојат национални малцинства. Посебно значајно место зазема македонското, а во Панчево постои Македонско друштво и тие го издаваат списанието „Видело, Виделино“. Писателите кои живеат во Србија, Македонците, тие се одлична врска меѓу нас да доаѓаме, да се дружиме. Суштината на литературата е во тоа што не познава граници. Во суштина, ако е тоа опишано на еден хуман и вистински човечки јазик, ќе биде добредојдено во секоја средина и во секоја нација, посочува Андриќ.

Се присетува и на неговата песна „Охрид во моето враќање“ која била објавена во 1963 година во белградското списание „НИН“, неделен информативен весник.

Тоа што е интересно е што ја изгубив таа песна на српски јазик, но излезе на македонски јазик и беше зачувана на македонски јазик. Мојот пријател Виктор Шеќероски ја преведе таа песна за мене потоа од македонски на српски јазик. Па ја најдов повторно таа песна, но во превод на Виктор. Понекогаш песните патуваат по некои заобиколни патишта и се враќаат на својот извор. Мило е мило што нашите народи соработуваат, додаде Андриќ.

Домаќин на средбата беше познатиот македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски со уште неколку поети од Охрид. Димоски ја потенцираше соработката со Радомир Андриќ кој е, вели, жив класик во српската литература, современа поезија.

Нашите македонско-српски врски на поетско ниво секогаш биле на една врвна точка. Тој мене ми има објавено и книга во Здружението на писателите во Србија кога беше претседател на истото. Мило ми е што ги гледам во Охрид, во Словенската престолнина. Досега имам преведено над десеттина книги од српски автори на македонски јазик, сега една излегува од Војислав Карановиќ. Мислам дека Србија е земја која ја почитува македонската литература, македонската култура и не знам ни да набројам колку книги македонски се преведени на српски јазик. Само мои книги се преведени шест досега на српски јазик, кои нашле високо место во српската култура и во српската критика која што се објавува и во Србија пред се, но и на промоции каде што сум бил. Односот е одлично, не знам дали со друга соседна земја би можело да се зборува на такво високо ниво кога станува збор за литературата. Немаме никаков проблеми околу тоа што е денес актуелно политичко прашање- јазикот со некои соседни земји, додаде Димоски.

Почесен конзул на Република Србија во Охрид, Михајло Филев, истакна дека денешната средба е литературен книжевен спектакл со еминентни имиња.

Ова е доказ дека нашата култура и традиција се одржува и во Македонија и Србија што е дополнителен мост што ги зацврстува уште повеќе нашите врски. Со вакви средби придонесуваме за развивање на уште идеи и средби кои ќе се организираат во иднина. Овие средби се плод за понатамошни можности за да се направат и македонски средби во Србија и уште повеќе да се спојуваме и зближуваме. Ова ние веќе го правиме како традиција. Секоја година имаме средби каде луѓето можат да се дружат, разменуваат идеи, искуства и одиме понатаму во јакнењето на културата, додаде Филев.

Писателите од Србија во наредните два дена ќе ги посетат и Св. Наум, Струга и Вевчани, а престојот во Охрид го започнаа со посетата на НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска