Командирот на противпожарната единица, Благоја Менковски изјави дека се уште се работи на целосно гаснење на пожарот. „Останаа уште неколку жарчиња кои што треба да ги изгаснеме, наскоро се очекува пожарот целосно да биде изгаснат“ изјави Менковски.
Посериозни повредени пожарникари нема, освен еден, кој што со симптоми на гушење бил вратен во базата во Гази баба.
Пожарот избувнал на дел од дрвената потконструкција и поради спецификата на материјалот (битуменизирана оплата), предизвикан е густ чад, кој според надзорниот орган на објектот, ќе биде видлив уште извесно време.
„Во внатрешноста на објектот нема никакво оштетување. Благодарение на брзата интервенција на екипите на противпожарната бригада, пожарот е локализиран. Надлежните органи ги преземаат сите потребни мерки за утврдување на причините поради кои е настанат пожарот“ се вели во соопштението од Министерството за култура.
Причините за пожарот сè уште се утврдуваат, а според неофицијални информации пожарот избувнал при заварување на покривната конструкција.
Изведувач на градежните работи е фирмата „Бетон“ од Штип. Во гаснењето на пожарот учествуваа десет противпожарни возила.
извор:„Макфакс“
фото:Петар Манев