Надвозникот на магистралниот пат Охрид – Кичево, кај селото Подмолје, заминува во историјата.

Градежна механизација ангажирана на изградбата на новиот автопат го урна надвозникот кој беше дел од клучката која ја поврзуваше Струга со Охрид и магистралниот пат за Кичево. Од него остана само куп железо. Тука ќе минува новиот автопат, а според планот треба да биде изградена нова клучка.

Поради уривањето на надвозникот кај бензиската станица на „Макпетрол“ во Подмолје поставена е сообраќајна сигнализација која ги предупредува возачите. Доколку се движат од Охрид во правец на Кичево тие минуваат низ селото Подмолје, додека за Струга може да се користи излезот од старата клучка кој сега е двонасочен, а секако алтернатива е и стариот пат за Струга.

Поради изградбата на автопатот измени има и во режимот на сообраќај од Подмолје до Охрид, кој се одвива по делницата од новиот автопат.

Изградбата на автопатот Охрид – Кичево, кој го следат многу проблеми и контроверзи, започна да се гради во 2014 година, со најава дека ќе биде готов до јануари  2018 година. Но поради сериозни пропусти во проектирањето, имотно правни и проблеми со трасата, рокот за изградба на 57-километри долгиот автопат, кој го гради кинеската компанија „Синохидро“ со подизведувачи од Македонија и Албанија, е пролонгиран за 2021 година, а трошоците од околу 360 милиони евра, веќе надминаа половина милијарда евра.

Г.М.