Ново мултифункционално спортско игралиште доби ООУ „Христо Узунов“, како донација од Државната видеолотарија – „Касинос Австрија“, во вредност од 3.300.000 денари.
Ова е петто изградено мултифункционално игралиште во државата во рамки на проектот „Играј со најдобрите“, вели директорката на државна видеолотарија на Македонија, Вики Чадиковска.
Со оваа донација овозможивме да се изгради игралиштето, сменета е подлогата, и набавени се нови спортски реквизити. На тој начин да им овозможиме на дечињата да го изградат својот спортски дух во рамките на своите училишни обврски, но и надвор од нив и тука во ОУ „Христо Узунов“. Ќе имаме уште многу затоа што сакаме да го градиме спортскиот дух, да помогнеме младите да имаат вистински мотив и вистински идоли со кои ќе ни овмозжат во иднина да се радуваме на нивните спортски подвизи што ќе ги постигнуваат, рече Чадиковска.
Игралиштето, според градоначалникот Кирил Пецаков, претставува дел од заложбата и определбата на локалната самоуправа за вложување во спортската инфраструктура, за најмладите.
Оваа донација од страна на Државната видеолотарија претставува соработка, која се надевам ќе продолжи и понатаму, а условите кои што ги создадовме со игралиштето и спортската опрема во ова училиште ќе бидат пример како ќе ги развиваме понатаму и останатите основни и средни училишта, но и онаму каде што е потребно. Локална самоуправа во иднина ќе вложува во образованието и во спортот, бидејќи, како што нагласи, тоа се двете најважни работи за правилно подигање на децата, на нив останува иднината во Охрид и државата рече Пецаков.
Директорката на училиштето Марина Ѓоргоска истакна дека ова е пример како треба да се развива и унапредува воспитно образовниот процес, но и како треба да се негува спортскиот дух, како важен дел од развојот на младите.
Токму овде на ова спортско игралиште, учениците ќе спортуваат, ќе се рекреираат, ќе учат да ги почитуваат правилата, ќе се дружат, натпреваруваат и напредуваат. Секој од нас се радува на нивните спортски успеси и сме поддржувачи на нивните спортски натпревари, рече Ѓоргоска.
Фото галерија:
Ново мултифункционално спортско игралиште доби ОУ „Христо Узунов“
OhridNews
Фото: А. Момироска