Охрид се полни за новогодишните празници. Низ градот евидентно е зголемо движење како во сообраќајот, така и на туристи покрај кејот, во чаршијата и низ кафулињата. Веќе се чувствува претпразничната атмосфера, карактеристична за последните денови од годината.

Хотелиерите и угостителите очекуваат одлична посетеност, со понуда од богато празнично мени и разновидна забава до раните утрински часови за сечиј вкус и возраст.

Според најавите најмногу туристи за Новогодишните празници ќе има од соседството, Срби, Бугари, Грци, како и туристи од Црна Гора.

Градот е празнично украсен, централното градско подрачје и Кејот на езерото осветлени, угостителските и сместувачките објекти подготвени.

За дочекот на Новата година на градскиот плоштад Општина Охрид подготви богата програма каде охриѓани и туристите ќе може да уживаат во забавата која започнува со загревање на атмосферата од 15:30 часот со настап на DJ Ace.

Потоа од 20 часот следува музички перформанс на DJ Yuxell, со кој официјално започнува вечерната новогодишна програма. Охридскиот музички ас Ѓоко Танески ќе настапи од 21 часот, по него од 22:20 часот охридската фолк икона Ефто Пупиноски, како и македонската поп ѕвезда Влатко Лозановски од 23:45 часот.  Забавата ќе продолжи и по полноќ со сетот на DJ Bagzi од 01:15 часот.

На 1-ви јануари на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ со почеток во 20:00 часот за забавата ќе се погрижат легендарната група „Меморија“ и музичкиот состав „Фузија“.

Н.С.Ј.