Со матурската парада на градскиот плоштад точно напладне во рамки на која преку 400 матуранти од сите средни училишта во Охрид танцуваа „Квадрил“ беше означен преминот од средното образование кон новите животни предизвици и беше испратена пораката за мир и толеранција.

И годинава за подготовка на матурантите беше задолжена проф. м-р Катерина Стојаноска, а временските услови не беа пречка матурантите да го одиграат наученото.

Подготовските течеа супер организирано. Се чувствувам весело, радосно, среќно дека успешно завршивме четири години и врнежливо. Ќе продолжам или на УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид или на ФИНКИ во Скопје, рече средноколецот Дарко Крлески.

Денес стоиме тука исполнувајќи го плоштадот со гордост, радост и надеж обединети во овој посебен момент за сите нас, рече во обраќањето во име на цела генерација средношколката Мартина Настевска потенцирајќи ја посветеноста, љубовта и грижата од професорката Стојаноска за успешно да се подготват за матурската парада која, вели, остава неизбришлива трага кај сите кои сме дел од истата. Воедно се заблагодари и на Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков што им овозможиле да остават јасен белег како генерација и да ја реализираат нивната замисла.

Генерација сме успешни ученици кои гордо и исправено ги очекуваме новите предизвици во животот и храбро треба да чекориме кон нови патишта и успеси. Нека оваа парада биде симбол на слободата, зрелоста и одлучноста со која ќе го градиме нашиот пат понатаму. Нека не потсети дека заедно сме посилни и дека секој крај е нов почеток, дека знаеме како да бидеме дел од тим, како да се поддржуваме и како да го славиме животот со радост, енергија и стил. Како што ги совладавме танцовите чекори, така успешно да ги совладаме и идните предизвици во животот, со чекори исти, со насмевки искрени, со срца што чукаат во ист ритам. Нашата разиграна младост, денешната позитивна енергија и оваа прекрасна убавина силно нека одекнат заедно со моќната порака насекаде низ светот, додаде Настевска.

Денешниот ден е ден на радоста, младоста и убавината, а светот во мало доаѓа кај нас, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, посочувајќи дека танцот на музиката од Штраус е симболичен крај на детството и безгрижните денови од една и почеток на младоста која нуди многу интересни можности од друга страна.

Сонувајте со отворени очи, мечтаете поубави нешта и никогаш не скршнувајте од вистинскиот пат. Бидете добри луѓе, со добра мисла и желба да направите добри дела за себе и за луѓето околу вас. Само така ќе бидете задоволни од себе и ќе градите здраво општество со здрави навики. Светот ќе го менувате само ако сте добро потковани со знаење. Знаењето е моќ, ви ја исправа високо главата горе и ви овозможува цврсто да газите на земја. Затоа учете и во иднина не застанувајте тука. Важно е во иднина тоа што ќе го работите да биде сработено со внимание и од срце. Само така задоволството и успехот се неизбежни. Успешните луѓе освен материјалното имаат и нешто друго, а тоа се идеи, талент, вештини и креативност.  Пред вас од денес се отвораат нови животни врати, бидете внимателни и одговорни низ која ќе влезете, од тоа зависи вашата иднина. Одговорно и посветено учете и работите, но не заборавајте да уживате во најубавите години што се пред вас. Танцивајте и радувајте му се на животот што е пред вас, додаде Пецаков.

Матурската парада е покрената во 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа “Уршка” во Љубљана. Танцот Квадрил матурантите го играат во четири слики: панталон, ете, пасторел и финале.

Фото галерија:

Охридските матуранти танцуваа на градскиот плоштад

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска