Maгично патување со вкусовите на прекрасните македонски вина и врвните кулинарски специјалитети подготвени на традиционален начин во модерен стил, им приреди на охриѓани винаријата “Стоби” на гала вечерта што се одржа синоќа во хотелот “Аура” (поранешен „Бетон“) во Охрид.

На гала вечерта што ја приреди винаријата “Стоби”, чиј екслузивен застапник за охридскиот регион е досконтот „Рај“, присуствуваа претставници од туристичкиот и бизнис секторот, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, енолози, деловни партнери и други гости, а за нивно одлично расположение се погрижи гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска.

На гала вечерта винаријата “Стоби” ги претстави специјалните вина “Acacia” – 2014 (Chardronnay Barrique), “Aura – 2013 (Syriah Barrique), “Axiox” – 2014 (Merlot Barrique), “Verdo” – 2012 (Petit Verdot Barrique), “Aminta” – 2015 (Vranec, Merlot & Cabarnet Sauvignon Barrique), “Veritas” – 2013 (Vranec Barrique), и десертното вино “Roxana”.

-Овие вина се подготвени со специјална технологија од одбрани сорти грозје кое контролирано го одгледува винаријата “Стоби”. Вината се чувани и зреени во специјални услови, што им дава исклучителен и богат вкус. – истакна на дегустацијата Ана Јорданова од винаријата “Стоби”.

Главниот енолог на винаријата “Стоби”, Андон Крстевски, го потенцираше квалитетот на македонските сорти вина, издвојувајќи го Вранецот како врвна винска култура со светско реноме.

– Винаријата “Стоби” произведува вино исклучиво од грозје одгледувано на сопствени парцели, по што е единствена на Балканот. На тој начин можеме да гарантираме за нашето вино во сите категории. Вранецот од којшто го произведуваме нашето вино е од посебнни парцели со редуциран принос, специјално обработено, две годинини зреено во буриња од Славонски даб. Сакам да знаете дека Вранецот е наша македонска гордост и сакам да знаете дека доколку еден ден Македонија биде позната винска дестинација, тоа ќе биде единствено благодарение на виното Вранец. – рече Крстевски.

Ексклузивните вина на “Стоби” беа дегустирани со прекрасно подготвена храна од познатиот Шеф Влатко Огненовски и главниот готвач на хотелот “Аура” и неколкукратен добитник на меѓународни признанија Влатко Ѓорѓиески. Специјално за оваа прилика Шеф Влатко Огненовски подготви извонредни специјалитети кои го надополнуваат вкусот на виното користејќи малку подзаборавени состојки кои некогаш биле составен дел од македонската традиционална кујна. 

-Имаме извонредна храна и прекрасни вина кои треба да ги промовираме. Неодамна на презентација во Швајцарија која се одржа на 3000 метри надморска височина се дегустираа одбрани вина од “Стоби” кои ги одушевија присутните, меѓу кои беа и првите луѓе на фудбалскиот клуб Јувентус, а наскоро ќе имаме и други такви презентации надвор од земјата. Охрид е нашето најубаво место со амбиент кој плени и тука треба да ги донесеме покрај холанѓаните и швајцарците и други странски гости, да ги вкусат нашите специјалитети и вина кои се со одличен квалитет. – рече Шеф Огненовски.

На дегустацијата на вина на “Stobi” во хотелот “Аура” Шеф Влатко Огненовски и главниот готвач на хотелот “Аура” Влатко Ѓорѓески приредија вистинско гастрономско шоу подготвувајќи десерт со таканаречено крио-готвење со течен азот чуван под притосок на многу ниска температура.

Специјалните сорти вино на “Стоби” во Охрид можат да се најдат во продажните места на дисконтот “Рај” кој е екслузивен застапник на винаријата за регионот.

OhridNews