Шопинг центарот Скопје Сити Мол вечерва свечено беше отворен во населбата Карпош, пренесува  „Макфакс“. Сити Мол се протега на површина од 90.000 метри кавадратни, 39.000 метри квадратни се наменети за издавање, има паркинг простор за 1.300 возила, а очекувањата се дека тој да прерасне во регионален трговски центар.


„Се надеваме дека сите ние тука присутни на посебна пригода сме воедно сведоци на отварање на една нова страница во ера на урбано живеење на нашиот град, на нашата Македонија”, рече Зоран Антиќ, Главен извршен директор на Фешн Груп.


Вкупната инвестиција изнесува над 100 милиони евра. Во изградбата на центарот учествуваа 1.000 луѓе, а отворањето ќе овозможи 2.000 нови вработувања.


„Скопје Сити Мол ќе внесе динамика во економијата и ќе го продолжи силниот раст на Македонија”, рече Самир Мане, Главен извршен директор на Балфин.


Во трговскиот центар се сместени некои од најреномираните светски брендови, дел од нив што и за прв пат се појавуваат на македонскиот пазар: Индитекс група, Зара, Бершка, Масимо Дути, Пул енд Беар, Страдивариус, Карфур и кино-оператор Синеплекс.


„Пред нас се издига новиот трговски центар, новиот белег на Град Скопје, кој преставува реализација и визура на уште една крупна инвестиција во Република Македонија. Скопје Сити Мол по сите свои параметри носи големи позитивни ефекти за нашата држава”, рече премиерот Никола Груевски во своето обраќање на отворањето.


„Се сеќавам на почетокот на 70-тите години кога бев средношколец се отвори Градскиот трговски центар. По 40 години повторно се отвора нов современ градски трговски центар – Скопје Сити Мол”, рече Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје.

Проценките се дека во првата година од работата Скопје Сити Мол ќе го посетат околу 7,5 милиони посетители.

OhridNews
извор:„Макфакс“