Ателјето и галерија УПЕВЧЕ во чест на 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на градот, вчеравечер во охридскиот музеј „Куќата на Робевци“ ја отвори изложбата „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче“.

Посетителите имаа можност да погледнат ликовни дела „Охрид во минатиот век преку цртеж, акварел, акрил и пастел“ од Славко Упевче и изработка на мозаик „Градски часовник“ на јужниот ѕид од црквата Света Богородица Челница во Охрид (механизам на часовникот Борис Упевче), како и изработка на „Мозаична мапа на град Охрид и Лихнид“, дела од Никола Упевче

Оваа изложба ја посветуваме на промоцијата на културното наследство во Охрид, рече во обраќањето директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев.

Авторите на изложбата ги знам оддамна. Во моите студентски денови пробував да го имитирам Славко Упевче во неговите слики, работа со пастели, кој е во таа техника и ненадмнлив, а Никола кој е маестро во мозаичните обработки, моментално е ангажиран во Националната установа. Имаме една прекрасна соработка со господинот Хорхе, докторант на Папскиот универзитет Саламанка од Шпанија, работоме 3D виртуелна визуализација на базилика на Плаошник, а токму Никола му помага мозаиците да бидат вратени, реставрирани, барем што се вика виртуелно, да можеме да ги видиме, посочи Патчев.

За изложбата говореше охридскиот поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски кој посочи дека станува збор за една ретка и значајна уметничка изложба, именувана „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче“.

Реткоста на оваа изложба е во тоа што во својот уметнички раскош ни се претставуваат татко и син, две генерации кои се исти во својот уметнички дух, но различни во своите дела, пред се во уметничкиот израз и техниката што ја користат двајцата при создавањето на своите дела. Ќе повлечам уште една заедничка црта, а важи за двајцата. Делата претставуваат културно сведоштво и уметнички диалог со градот Охрид. И двајцата уметници се добро познати на културната јавност и во Охрид и во Македонија, но и надвор од нашите граници. Повеќе пати сум се искажувал за трајните вредности на Славко Упевче, а вечерва само ќе повторам дека преку овој ретроспективен поглед на цртежи, акварели, акрили и пастели, Славко Упевче ја бележи душата на охридскиот пејзаж и минатото. Пред очите, тие ми се предистуваат како живи страници на миленумска историја на Охрид. Сигурен сум дека, кај многумина што сме овде ни ја враќаат носталгијата по Охрид, кој како песок ни истекува низ прстите, рече Димоски.

Никола Упевче, истакна, со ретката уметничка поставка и техника мозаик, ги обележува овие две и пол децени на 21. век во македонската уметност воопшто.

Тој е уметник, мозаичар, кој негува и конзерваторски и реставраторски термини на антички мозаици, а со самостојни групни изложби е представен во земјава и во странството. Желбата да се живее е очигледна во неговите мозаици, желбата да се игра, да се забавува е силна, комбинира бои, мермер, стакло и други материјали со рафинирана техника и со свој препознатив јазик ќе забележи неговиот италијански пријател, конзерватор Александро Лугари. А јас ќе додадам дека Никола Упевче со својата мозаична карта на Охрид и Лихнид, и преку собремен израз прави мост до една нова визуелна перспектива, каде техниката и замислата се спојуваат со мурална експресија. Неговиот израз е современ, користи разни материјали и остава дела што го одразуваат мозаикот како неисцрпна истражувачка можност во овој техницизиран свет и му дава нов облик и сјај. Вечерва ја имаме можност и да видиме како уметникот Никола Упевче мозаичната мапа на Охрид и Лихнид ја поставува на современ начин, но гледаме и модел на мозаичен градски часовник наменет за Црквата Света Богородица Челничка, кој од високо ќе го мери идното охридско време. Механизмот за часовникот го конструирал Борис Упевче. Особено е важно што изложбата не потсетува сите нас дека вистинското богатство лежи во колективното сеќавање, одговорното пренесување на уметничкото наследство и во поддршката на креативниот процес што живее низ генерациите. Колку и да напредуваме технички човечката рака и нејзиниот творечки немир останува нашата најмоќна врска кон минатото и изворот на иднината, додаде Димоски.

Славко Упевче посочи дека првата изложба ја имал во 1969 година, од кога следеле голем број изложби кои оставиле белег на неговото творештво.

Вечерва ова е дел од она во минатите години го подготвував за да го изненадам градот и посебно по поводот 7 Ноември, Ден на ослободувањето на Охрид, рече Славко.

Никола Упевче изрази благодарност до сите присутни кои дошле да ја слават заедно со нив  уметноста и да погледнат дел од нивното творештво, идеи.

Се надевам дека во наредниот месец оваа изложба ќе прерасне во секојдневие, ќе можете да поминете и да видите до каде е изработката на еден мозаик кој го работам повеќе од 10-15 години со голема помош од моето семејство и новите идеи, рече Никола.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите во текот на месец ноември, а истите ќе можат на лице место да погледнат како Никола Упевче го работи мозаикот.

Фото галерија:

Изложба „Охрид преку делата на Славко и Никола Упевче“

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска