Во опуштена атмосфера со многу позитивна енергија и добра забава „Културолошката иницијатива 5 до 12“ во кафе барот „Шила“ го прослави јубилејниот 5-ти роденден.

Навраќајќи се на почетоците во 2019 година Јован Цветкоски, еден од основачите вели дека заедно со Јаков Јованоски и Ристе Лекоски почнуваат да ја реализираат идејата за алтернативно културно-забавно лето бидејќи мислат дека тоа му фали на Охрид.

Пред пет години првиот настан го започнавме токму овде во „Шила“ на 07.07.2019 година од една идеја наша, на мене, Јаков и Ристе. Сметавме дека ни фалат настани во Охрид кои ќе ги вклучат младите и рековме да не чекаме да си ги направиме самите. Тогаш направивме една многу амбициозна програма со 16 настани и работилници. Почнавме амбициозно тројцата, без никаква финансиска поддршка. Антонио Стаматоски ни направи лого, не обележа и започнавме едно активно лето. Навистина беше нешто што рековме мора да се надградува. Видовме кои се пропустите првата година, каде треба да се подобриме, но и тоа дека треба да се прошири екипата, вели Цветкоски.

Втората година, додава, веќе биле во проширен состав и со скратени, но подобрени и нови настани. Потоа во периодот на пандемија кога, вели, сите беа пасивни, тие во летниот период направиле голем број настани, успешно организирани во склоп со сите препораки.

Овие 5 години ги одбележа едно дружење на младите. Тие го препознаваат тоа што го работиме, а нас ни е многу мило што ова го работиме. Многу се радуваме кога гледаме како другите уживаат во нашите настани и на кое ниво од година во година напредуваме. Ако направиме една паралела на настанот на пример во Скејт паркот кога првата година имаше само десет луѓе, минатата година бројката беше 500. Годинава е два дена овој настан и се надеваме на уште поголема посетеност. Секоја година пробуваме тие настани кои ја обележуваат програмата да ги подобруваме, освежуваме. Годинава имаме 5 настани во главната програма, но и преку цела година имавме и ќе имаме настан, потенцира.

Оваа година, вели ја одбележуваат три јубилеи поврзани со нив, 10 години НАТГ „Аматер“, пет години од поетските читања во „Шила“ и 5 години „Културолошка иницијатива 5 до 12“.

Со поетските читања ја започнавме и соработката со кафе бар „Шила“ и првиот настан баш имаше поетска вечер, како и настап на неколку локални бенда. Вечерва започнуваме со бендот „Броз“ кој исто така беше со нас пред пет години и ја отвори таа вечер. Имаме изложба и нови маички за оваа година со саат кулата и интересен текст од нашата приказна. Задоволни сме од тоа што во овие пет години го реализиравме и се надеваме на уште толку и повеќе и во наредните пет.

Младите го препознаваат ова што го работат овие млади ентузијасти и се повеќе гости имаат на настаните од повеќе градови низ државава. На 12 јули е закажан настанот „Ој, љубов, љубов“, односно староградска пловидба со ансамбл „Билјана“ за кој секоја година има голем интерес.

Во поглед на внесување новини во програмата, Цветкоски вели оваа година на самиот крај од програмата има настан кој сакаат во наредните години да прерасне во помасовен во поглед на организација.

Бидејќи се работи за еден вид на настан кој се случува секаде низ Европа, а ние сакаме да му дадеме нешто наше, уникатно. Низ Европа го нарекуваат „Ноќ на музеите“. Во четири-пет часа има програма во која музеите се отворени и може бесплатно да се посетат. Нашата идеја е тоа да стариот дел од градот да го направиме баш „град-музеј“. Годинава почнуваме со спомен куќите, музеите, филигрански работилници, галерии, работилница за стара хартија, за резбање на улица „Цар Самоил“. Мислам дека овој настан ќе бара доста посветеност и ќе добие едно посебно место и во нарендите години. Имаме некои нови настани во план за 2024 и 2025 година, концептуално поставени, но ќе бидат најавени кога ќе биде време, додава Цветкоски.

На поддржувачите, соработниците, но и фамилиите во знак на благодарност за сета неизмерна поддршка која им ја пружале за овие млади луѓе да ги реализираат своите замислени идеи им беа доделени плакети.

Фото галерија:

Пет години културолошка приказна, алтернатива и ведрина

Н.С.Ј.

фото. OhridNews/Културолошка иницијатива