Голем број верници денеска го посетија манастирот Сите Светии во селото Лешани, Охридско, каде традиционално се одбележа празникот Сисвети.

По повод празникот во манастирската црква се одржа богослужба, а неизбежен дел од празничниот фолклор е и традиционачниот панаѓур.

Во 1953 година манастирот Сисвети во с. Лешани, охридско, е прогласен за културно-историски споменик. Нема точни податоци кога е подигната малата еднокорабна црква посветена на Сите Светии. Но сите показатели зборуваат дека се работи за многу стар објект. Познатиот руски научник Виктор Иванович Григорович, при посетата на Македонија во 1845 година забележал еден натпис во црквата на кој пишувало дека е соѕидана и живописана со труд и помош на работ Божји Ни… Божикев од град Охрид во деновите на архиепископот Никодим во 1452 година. Но, истражувачот од овој крај д-р Стојан Ристески, кој објави монографии и за селото Лешани и за манастирот Сисвети смета дека тогаш била само обновена црквата изградена многу порано и урната при доаѓањето на Османлиите на овие простори. Овој запис што го споменува Григорович денес не постои бидејќи во текот на Илинденското востание црквата била запалена и во поголем дел уништена. Од пожарот бил уништен нартекстот, а фреските биле оштетени, особено во колоритот. Но и покрај тоа денес тие претставуваат значајно културно-историско богатство. По Првата светска војна до старата црква е подигнат нов храм кој е осветен во 1926 година. Црквата на своја сметка ја подигнале жителите на селото Лешани.

Монашкиот живот во овој манастир се возобнови во 2002 година со доаѓањето на јеромонахот Вартоломеј. Во минатиот век овој манастир бил женски и броел околу триесетина монахињи. Во поново време беа возобновени конаците, а беше поставен и нов крст.

Г.М.