Во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид се одржа промоција на проектот „Мојот професионален модел на вработен“, реализиран од учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид, под менторство на професорката Весна Карамитре во соработка со професор Гордана Бешироска Ристеска.

12 јавни и приватни претпријатија од Охрид беа вклучени во проектот, а на завршниот настан беа поканети моделите кои учениците ги имаа избрано и пред публиката беше презентирано зошто токму тој професионален модел го избрале, односно кои професионални и лични карактеристики ги поседува нивниот модел.

Во ова време кога се поместени вистинските вредности кај младите предизвик е да слушнеме од учениците каков треба да биде нивниот професионален модел на вработен или нивниот идол во професионална смисла на зборот. Значењето на професионалните модели на работното место за учениците, компанииите и за локалната заедница е тоа што го зголемуваат моралот на учениците и вработените, инспирираат здрава конкуренција, создаваат позитивна атмосфера, отворено комуницираат и ги мотивираат другите, вели професорката Карамитре.

Целта на проектот, вели професорката е учениците да се идентификуваат со нивниот професионален модел, додавајќи дека во вклучените претпријатија во проектот учениците во текот на годината реализирале и практична настава односно учење преку работа.

Реалноста ја наметна потребата од мотивација на вработените. Сведоци сме дека вработените не работат само и единствено за пари. Тоа што луѓето ги поттикнува на дејствување на заедничка работа е токму желбата за истакнување, додава Карамитре.

Училиштето оваа година за првпат го реализира проектот „Мојот професионален модел на вработен“, а учениците им дадоа и скромна награда на нивните избрани професионални модели.

Фото галерија:

Промоција на проектот „Мојот професионален модел на вработен“

 

Н.С.Ј.

фото. Е. Јовановиќ