Црно-бели фотографии кои во себе кријат приказна, зграпчуваат минливи моменти од секојдневниот живот, но и евоцираат одредена атмосфера или разјаснување на наратив се содржани во фотомонографијата – „Свето Таинство“ на охридски фотограф Зоран Вељаноски Летра која денес беше промовирана во Лапидариумот во присуство на бројни вљубеници во уметноста.
Фотомонографијата содржи 90 фотографии со мотиви од Охрид и 9 текстови од еминентни уметници, професори и истражувачи. Во ова единствено дело кое зборува со јазикот на тишината, секоја слика е нешто свето, а секој кадар одразува хармонија.
Со огромна посветеност работејќи на книгата последните девет месеци една од клучните лекции кои ги научив е негување на мојата емоцијална независнот. Полека започнав да навлегувам во вртлогот на духовната вертикала во која предизвиците за себе спознавање се лесни како капка роса на пролетен лист, вели авторот на делото Зоран Вељаноски Летра.
Почнав да живеам во тајните на светото таинство нарекувајќи го свој дом каде најдов мир и среќа, немир и тага, радост и болка. Се беше спротивно како ден и ноќ и се беше исто како што е денес во овој миг тука заедно со вас. Со 90 фотографии и 9 текста и 9 подтекста или објаснувања исто како бројот 9 со кој завршува низата на едноцифрени бореви и започнува нова, така и овде завршува еден циклус и започнува нов, како мајката која го носи чедото во внатрешноста на својата утроба девет месеци за да се роди живот. Така и книгата се роди и започна со живот. Каков ќе и биде животот само бог и светото таинство знае. Но, јас сигурно ќе продолжам да ве изненадувам со нови дела, рече Летра.
Охрид е свето таинство постојано опкружено од пророци, сликари, поети, учени луѓе. Отсекогаш претставувал мистерија, спој на мистични и хаотични сили кои со подземскиот блесок на водата и нејзината митологија го предизвикувале вековното љубопитство на бројни неимари постојано да го извишуваат во духовна, културна и уметничка вертикала, рече промоторот охридскиот поет Славе Ѓорго Димоски посочувајќи дека со Летра долги години ги поврзува уметноста.
Во овој контекст фотозаписите на Зоран Летра се далеку едноставно отсликување на она што е пред или при очи, фаќање мигови и физичко пренесување. Овде се претставува еден посебен концепт во кој се огледуваат автопоетичките точки на едно фотоистражување на Охрид од неколку аспекти. Мислам дека тој прави вонреден напор фотографијата сама да се избори за да стане модел на стварноста, природата непосредно да му позира и да му наметнува своја содржина, а тој само да ја надградува со своите вештини и знаења. Тоа душевно спознавање се препознава преку лирските мигови фатени во движење во кои се забележува продлабочен простор, ситуации, многу детали и фотоприказни. Откривачките фотографски можности на авторот се во развивачки процес, а тоа значи дека љубопитствата се неизмерни кај овој признат фотограф, и затоа имаме изобилна понуда на запрени мигови кои пулсираат, се преливаат во незапирлив проток низ зрнца светлина, истакна Ѓорго Димоски.
Охрид со своето културно наследство, со својата историја, езеро и со своите убавини кои ги поседува отсекогаш бил мотив на многу уметнички дела. Такво дело е и оваа книга. Во неа секој кадар зборува без зборови, секоја фотографија е сведоштво за поврзаноста помеѓу човекот и природата, минатото и сегашноста, рече во обраќањето заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.
„Свето Таинство“ е издание кое ја слави убавината и не повикува на почит и одговорност, затоа што Охрид е богатство што ни е доверено, а наша задача е да го чуваме и пренесуваме на идните генерации. Општина Охрид со гордост го подржа овој проект затоа што секое вложување во уметноста е поддршка за иднината. Со ова издание локалната самоуправа уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон уметниците, но и кон зачувување и промоција на нашата културна ризница. Со оваа промоција не славиме само уште едно уметничко дело , славиме една визија за Охрид како вечна инспирација, како место каде што уметноста и духовноста секогаш се прегрнати, додаде Крстеска.
Промоцијата беше збогатена со настапот на хармоники на младите таленти од музичкото училиште “Методи Патче” Михаил Стојаноски и Стефан Таштаноски под менторство на проф. Филип Гаврилоски.
Фотомонографијата „Свето Таинство“ е во издание на Општина Охрид.
Фото галерија:
Промовирана фотомонографијата „Свето Таинство“ на охридски фотограф Зоран Вељаноски Летра
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска