Денес беше промовирана книгата „НУ Библиотека ‘Григор Прличев‘ вчера, денес и утре“ од м-р Милчо Јованоски во издание на Библиотеката, во рамки на програмата за одбележување на 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски – Патронот на градот.

Авторот, м-р Јованоски, во неа ги вклопил новите истражувања сврзани со животот и делото на Прличев, напишани во новинарски манир кои се движат по линијата на книжевното и публицистиката.

Оваа „книжевна читанка“ е прва во издание на Библиотеката, паралелно напишана на македонски и англиски јазик и истовремено е мал туристички водич низ Охрид. Таа, пред сѐ им е наменета на странските гости на Библиотеката, но и градот.

Среќен сум што токму во НУ Библиотека „Григор Прличев“ далеку од новинарската врвулица го најдов своето творечко катче и се насочив кон публицистиката и истражувањето. Прличев неговиот живот и дело станаа моја опсесија и преокупација. Книгата што денес ќе ја промовираме е четврта во таа низа. Таа е и мал туристички водич. За нашите колеги, странци во книгата им нудиме четива за тоа што не смеат да пропуштат кога се во Охрид од културните, верски, православни, исламски и католички објекти. Тој процес не беше лесен. И како мнозина автори пред мене одамна етаблирани на македонската публицистичка и научна сцена, ќе речам- за Прличев никогаш не е доста. Секогаш има нешто ново, рече Јованоски, упатувајќи јавна благодарност до помагателите за ова дело да го види светлото на денот.

Советничката во Општина Охрид Наташа Попоска Карче посочи дека во овие денови на одбележување на патрониот празник градот Охрид, 8. Декември, денот на Свети Климент Охридски, честуваме уште еден голем, духовен и културен столб на Охрид, Глигор Прличев.

И некако природно е во овие денови да се потсетиме на Прличев, зашто неговата духовна врска со Свети Климент останала врежана во Охридската културна меморија. Свети Климент е нашиот заштитник, патрон на нашиот град, и должни сме да го славиме неговото име. Делото кое денеска се промовира поврзано е токму со Прличев, поет на зборот, на мислата, на непокорот на духот. Со ова дело Јованоски ни подарува чувство на припадност и почит кон големината од која потекнуваме и пушта глас на денешните генерации. Неговите зборови имаат тивка сила, и секоја негова книга е повеќе од текст. Во време кога зборот понекогаш ја губи својата тежина, Јованоски се труди и успева да го врати неговото достоинство. Не потсетува дека литературата е жив организам, простор во кој се препознаваме, лекуваме и растеме. Неговата посветеност, континуирана инспирација, истражувачка длабочина и книжена чувствителност успеваат да создадат дела што оставаат трајна и овоземска трага. Благодариме за пишаниот збор, за несебично вложениот труд, за желбата да се зачува нашиот културен корен. Оваа промоција нека биде доказ дека Охрид живее преку својата духовност, култура и книженост и вчера, и денес, и утре, додаде Попоска Карче.

Авторот Јованоски е еден неуморен деец, борец за пишаниот збор, кој неуморно бдее над сите нас кои пробуваме да напишеме нешто и да оставиме траен белег за Охрид и Охриѓани, рече проф. д-р Зоран Тунтев.

 

Наоѓам аналогија во делото на Григор и во делото на Милчо. И двајцата се веројатно неуморни борци. Не знам, веројатно ако сте го читале тој автобиографскиот дел, на многу места спомнува совршенство или смрт. Ние можеме да се стремиме кон совршенството, но нема шанса да го достигнеме во дваесет и првиот век, во век во кој, едвај еден процент од светската популација чита. Едвај еден процент држи книга денес, а Милчо е неуморен, и упорно и упорно пишува и не се предава. Книга на Милчо многу потсетува на Бедекер. Карл Бедекер направил такво четиво за Штутгарт, за Есен, за градови во Германија. Но, верувам дека интенцијата на Милчо е да ја долови ситуацијата во Охрид, преку писанието на Григор Прличев до пошироката јавност, во овој случај до туристите. Би сакал да размислувал така кога секој текст последователно го превел на англиски јазик. При тоа, во таков еден прирачник за туристи, на крајот од книгата имате неколку најголеми атракции споменати во оваа книга, соодветно преведени. Значи целно се обраќа до некоја поширока јавност и се држи до заштитните знаци на овој град, додаде Тунтев.

Книгата е еден културно-туристички водич, низ призмата на животот на Прличев и многу нешта што се белег на Охрид, а се сврзани со него и културната меморија на градот, рече во обраќањето директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Христина Трпеска, при тоа навраќајќи се низ богатото творештво на Јованоски.

Оваа книга Библиотеката која зад себе има осум децениско постоење ќе може на странските гости со гордост да им ја понути и на англиски јазик. Јованоски, оваа 2025-та година, се појави како автор на три значајни проекти во секојдневното работење на библиотеката. По негова идеја реализиран е проектот „Цветна библиотека-хортикултурна библиотека“, за првпат библиотеката беше домаќин на Регионална средба и работилница, а втора година е носител и на проектот „Слушни го Езерото“. Но, колегата Милчо не застанува. Во пост продукција е документарниот филм по негово сценарио „По стапките на Прличев“  во кој од различни аспекти говорат д-р Кристина Николовска, д-р Димитар Пандев, д-р Ала Шешкен, д-р Елизабета Шелева, д-р Мајќеј Кавка, Горан Митрески и други. Филмот планирано е да да биде прикажан на манифестацијата „Прличеви Беседи 2026“, додаде Трпеска.

Паралелниот текст од македонски на англиски го преведе д-р Габриела Неделкоска, а нејзиното издавање финансиски го помогнаа Општина Охрид, Халкбанка и Охридски бисери „Филеви 1928“. Отпечатена е во Ирис – Струга во тираж од 200 примероци.


Во рамки на промоцијата на книгата од страна на Библиотеката „Григор Прличев“ беа доделени благодарници на соработниците и поддржувачите на институцијата и сите оние кои го помогнале објавувањето на ова дело.

Пригодната свеченост беше збогатена со музички точки во изведба на учениците од ОУМУ „Методи Патче“.

Фото галерија:

Промовирана книгата „НУ Библиотека ‘Григор Прличев‘ вчера, денес и утре“

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска