Осумдесет експонати прстени кои се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид денес беа презентирани пред пошироката јавност на изложбата насловена „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“ поставена во Куќата на Робевци.

Изложбата е посветена на едeн дел од накитот за украсување на рацете, а тоа се прстените кои потекнуваат од XVII до средината на XX век и се изработени од занаетчиските центри во Охрид, Струга и Дебар, истакна авторот на каталогот и концепцијата на изложбата Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид.

Прстените се набавени во првата деценија од формирањето на Охридскиот музеј од Охрид, охридските села и Дебар. Воглавно се изработени од сребро во техника на лиење со прекрасна филигранска изработка и гранулација. Украсени се со полускапоцени камења, стакленца, монисти, висулци, трепетушки. По формата се застапени различни видови, а тоа се прстени со печат или монограмни прстени со иницијали, масивни столовати прстени, прстени бурмалии во вид на бурми, прстени со кубести глави, прстени со поголеми скапоцени камења, со ситни стакленца, различни форми ромбови, квадратни, елипсести. Ова се прстени што се и машки и женски, посочи Мишева.

Најмногу, вели, се врзани со обредите за свадба за свршувачка, но има и печатните прстени кои симболизираат некаков статус семеен или во општеството, прстени коишто се со арапско писмо кои освен што се печатници, на писмото е испишана и молитва да му тргнат добро работите или да му се исполнат желбите на сопственикот.

Прстенот е накит што за среќа, за разлика од некои други видови накит, се употребува до ден денес. Воглавно неговата функција е за обележување на брачниот статус. Но, прстенот е и симбол на некаков моден тренд на припадност на некоја заедница. Може да се додели како награда за некој врвен резултат, дали во спорт, дали во наука, но секако тој си ја носи својата симболика на вечност, на достоинство, на завет, на припадност на некоја заедница. И секако, покрај овие функции, симболичката функција на заштита на тој што го носи за прочистување, за лек. Значи, прстенот е еден многу интересен накит со многу сложена симболика и функција што, за среќа се сочувал и се носи до ден денес, додаде Мишева.

Изложбата ќе биде поставена до крајот на јануари во Куќата на Робевци секој работен ден од 09 до 15 часот, освен во понеделеник.

Инаку, проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2025 година.

Со овој настан НУ Завод и Музеј – Охрид се приклучува кон чествувањата за патрониот празник на градот Охрид Свети Климент Охридски.

Фото галерија: 

„Прстенот – симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска