Со свечен академски час, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид денес го означи почетокот на академската 2025/2026 година. Настанот се одржа во амфитеатарот на Универзитетот со присуство на студенти, професори и гости.
Новата академска година ќе донесе предизвици, но и можности за унапредување на знаењето и практичните вештини, со цел создавање квалитетни кадри подготвени за современите општествени и технолошки промени, посочија од Универзитетот.
Пред присутните се обрати Филип Милошоски, поранешен студент на Универзитетот кој го пренесе своето искуство кое го стекнал студирајќи посочувајќи ги сите предности кои ги нуди Универзитетот, но и неговиот пат и развој низ годините по завршувањето на студиите.
Сите искуства кои ги стекнав тука, како можностите за вмрежувањата, праксата, пријателите се тоа ми помогна да се развивам како личност, и дојдов како една личност тука, а кога си заминав со дипломата бев многу подобра верзија од себе, со многу поголема самодоверба да се справувам со сите предизвици и без страв да се соочам со истите. Неколку пораки кои сакам да ви ги испратам е дека никогаш не треба да се плашите од предивиците, бидејќи и ако не успеете тоа е добра шанса да се здобиете со знаење, ако успеете е секако подобро. Најважната работа која ја научив е дека секогаш треба да се забавувате додека правите нешто, да уживате во сите подеми и падови во секој момент тука, бидејќи овие ќе бидат кратки неколку години кои ќе поминат тука, а најверојатно ќе бидат едни од најдобрите во вашиот живот, па најмногу што можете да направите е да го искористите нивниот целосен потенцијал. Универзитетот ќе ви ја обезбеди сета енергија, професорите се тука да ви помогнат, ќе имате предавања и упатства, само треба да вложите малку труд и гарантирам дека нема да почувствувате страв пред некој предизвик во иднина, рече Милошевски.
Високото образование обезбедува поголеми можности за избор на професии кои се добро платени, а ви студенти ценети и почитувани граѓани, рече пред присутните студенти советничката од Советот на општина Охрид, Александра Настоска Николоска.
Веќе сте подготвени за многу поголеми животни предизвици кои ве очекуваат. Јас сум сигурна дека во вас се поставени цврсти темели на знаењето со кои сигурно ќе зачекорите во наредните етапи од животно патување. Ова е место каде што го осмислувате вашиот нов животен предизвик. Доколку сте водени од желбата за знаење ќе имате можност да израснете во академски граѓани, градители на нашето општетсво, зошто целта на образованието не е само знаење, туку и поттик за акција, а основата за градење напредно општество е образована младина, посочи Настоска Николоска.
Присутните студенти ги поздрави и поранешниот ректор на Универзитетот Нинослав Марина кој потенцираше дека Универзитетот има солидно место во историјата како уникатен универзитет во Македонија кој е вистински космополитски водич кон иднината.
Фото галерија:
Прв академски час на УИНТ „Св. Апостол Павле“
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска