140 студенти денес го започнаа образовниот процес во новата академска 2023/2024 година на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Свеченоста се одржа во амфитеатарот на Универзитетот, а свое обраќање пред студентите имаше проректорката проф. д-р Устијана Речкоска Шикоска која им посака на студентите многу успех, да бидат чесни, посветени, морални, да го чуваат интегритетот на Универзитетот, на нашиот град Охрид и нашата држава.

Годинава имавме рекорден број на запишани студенти од самото постоење на Универзитетот. Интересот е голем, младите знаат да го препознаат квалитетот на информатичко-комуникациските технологии, програмирањето и секако применети во повеќе области од самото живеење. Најголем интерес имаше на Факултетот за компјутерски науки и инженерство, но секако годинава веќе препознаваат студентите дека сите наши пет факултети се интересни и атрактивни, како што се Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност, Факултетот за примена на информатичко – комуникациските технологии во бизнис и менаџмент со нова студиска програма-дигитална бизнис аналитика, Факултетот за вештачка интелегенција и роботика заедно со нова обновена студиска програма и програма на е-влада и Факултетот за визуелизација и мултимедија.

Прв академски час за 140 студенти на УИНТ „Св. Апостол Павле“

Универзитетот постојано, потенцира Речкоска Шикоска, а сега веќе и интензивно остварува соработка со индустријата односно ИТ компаниите и другите компании.

Развиваме претприменнички дух кај студентите, развиваме дух на создавање на бизнис модели и формирање на свој понатамошен бизнис, бидејќи ИТ индустријата многу го нуди тоа. Самите информатичко-комуникациски технологии се сервис или услуга применети во повеќе области и нудат можност за почнување на сопствен бизнис од нашите студенти тука, но и низ светот. Целиот кадар на Универзитетот има заслуга за изведување на квалитетен наставно-научен процес и се следи современа настава. Трендовите на информатичко-комуникациските технологии се менуваат на дневна основа и ние мора да ги пратиме, унапредуваме, се изучуваат најмодерни алатки. Имаме и дополнителна опрема и лаборатории. Во тек е набавка и на нова лабораторија којашто ќе ги осовремени знаењата од областите на мрежи и сајбер безбедноста, истакнува Речкоска Шикоска.

Се применуваат, вели, најмодерни методи на пристап на решавање на проблем, нешто што потенцира многу сакаат да го доближат до студентите како би моделирале реални процеси од секојдневниот живот.

Да ги препознаат, дефинираат, моделираат проблемите и во подоцнежна фаза да создадат апликативен софтвер кој би се применил и секако најмногу инсистираме да се направи евалуација на истото софтверско или хардверско решение. Дипломата на сите факултети гласи дипломиран инженер, што значи дека студентите добиваат знаење и за инженер и за програмер. Има голем интерес за изучување на студиските програми на англиски јазик, но од годинава има и паралелки на македонски јазик, додава Речкоска Шикоска.

Интересот, истакнува Речкоска Шикоска, од година во година се повеќе се зголемува за студирање на Универзитетот, а студенти има како домашни, така и странски од сите европски земји.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски