Тетовските „црвено црни“ го освоија трофејот во Купот во Македонија во кадетската конкуренција победувајќи го битолски Пелистер со 5-3 (3-2). Двете екипи одиграа маестрален натпревар и најавија многу возбудувања во Куп финалињата кои денеска започнаа во Охрид.

Фудбалерите на Шкендија теренската иницијатива на почетокот од натпреварот ја круниса со погодок. Стрелец на водечкиот погодок беше дефанзивецот Елвир Рамиќ. И покрај водството тетовчани напаѓаа, а наградата стигна во 28-та минута кога Аљбин Рамадани зголеми на 2-0. Две минути подоцна Шкендија дојде до 3-0 после погодок на Илбер Карамани. Трите погодоци во мрежата ги разбудија „зелено белите“ кои за само две минути успеаја да намалат на 3-2. Во 42-та минута погоди Аријан Селмани, а во 43-та прецизен беше Филип Бошковски.

Головите и надигрувањето на теренот продолжија и во вторите 45 минути. Шкендија во 55-та минута зголеми на 4-2. Голманот на Пелистер, Петар Шитракоски го скроти ударот од белата точка на Рамадини, но топката се одби кај фудбалерот на Шкендија кој ја спроведе во мрежата. Пет минути подоцна Пелистер повторно дојде на еден гол негатива, откако во погодок ударот од белата точка го претвори Селмани. Во 72-та минута Едиз Спахиу донесе водство за Шкендија 5-3, кое до крајот го задржа и го освои пехарот.

Делегат на првата финалната средба од шестте кои ќе се одиграат на Градскиот стадион „Билјанини Извори“ беше секретарот на Општинскиот фудбалски Сојуз, Јовче Попоски, а главен судија беше Марјан Стојановски од Кичево.

Финалната програма во Охрид продолжува денеска во 17 часот со мечот помеѓу Работнички и Шкендија во младинска конкуренција.

Мх.П.