Малата црква Св. Атанасиј Александриски во Горно Лакочереј денеска беше претесна да ги прими верниците кои дојдоа да присуствуваат на осветувањето на овој духовен храм.
Осветувањето го изврши неговото високо преосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј заедно со свештенството на епархијата.
За мене ова е ова прво осветување на еден храм и по тоа јас ќе го паметам и затоа сум почестен. Им благодарам на сите кои помогнаа во возобновувањето на храмот и посакувам здравје, живот и со векови на ова место да се спомнуваат луѓето кои го граделе храмот, истакна пред верниците Митрополитот Георгиј.
Храмот посветен на Св. Атанасиј почнал да се гради во 2016 година на темелите на старата црква која се наоѓала на ова место. Со точност не се знае од кога датира црквата, но локалните жители велат дека од секогаш тука било ваковско место каде и пред да има храм луѓето доаѓале на празикот Танасовден и палеле свеќи за здравје.
Решивме на местото на старата црква да направиме нова и со помош на Бога и месното население и помагатели од околните села успеавме во тоа. Имавме голема поддршка од жителите на Горно Лакочереј, како и од сега покојниот владика Тимотеј и Дебарско – кичевската епархија. Црквата ја градевме сите заедно, акцијашки, местото сега е рамно и убаво уредено, но на почетокот беше дупка, ни изјави Климе Тренески, претседател на Црковниот одбор на храмот Св. Атанасиј.
Во знак на почит градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, на обновениот храм му подари икона со ликот на Св. Атанасиј.
На осветувањето на храмот Св. Атанасиј во Горно Лакочереј, присуствуваа и личности од јавниот и политичкиот живот кои изразија почит кон Македонската православна црква и локалното население за нивните заложби со кои се чува и негува вековната традиција.
Осветувањето на храмот Св. Атанасиј Александриски заврши со заеднички ручек на верниците, гостите и свештенството на Дебарско – кичевската епархија, што го организираше црковниот одбор.
Фото галерија:
Осветена црквата Св. Атанасиј во Горно Лакочереј, прва на новиот Митрополит Георгиј
Славата на оваа црква е на Танасовден зимски, на 31 јануари, но со обновувањето на храмот ќе се одбележува и летниот празник кој се слави на 15 мај.
Горан Момироски